Јован Стевиќ (19) од Чачак, цела Србија го знае како математички гениј, кој живее со самохраната, болна мајка Снежана Мијаиловиќ. Сепак, ова момче памети повеќе лоши отколку добри моменти во својот живот.
Србија се раплака по неговата приказна која ја раскажа во емисијата „Животот е приказна“, а народот го воодушеви кога напамет пред камерите вадеше корени од шестоцифрени броеви без хартија и без дигитрон.
Ова момче има коефициент на интелегенција помеѓу 140 и 150, повеќе од 30 дипломи од училишните натпревари, одличен просек во училиште, но за жал, ништо од ова не му помогнало на младиот генијалец да живее подобро, пренесува „Еспресо.рс“. Најжално од сѐ е што ова момче памети многу неубави денови, од тоа дека немал што да јаде, спиел во подрум, немал каде да се искапе.
Целиот негов свет, сега е претворен во математика, сѐ околу себе гледа во бројки: луѓето, зградите, улиците. Јован сега ќе биде бруцош на Економскиот факултет, а претходно има завршено средно економско училиште во Чачак. Многу брзо сфатил дека има талент за математика и за светот на бројките.
Јован ова лето, додека не му почнат студиите во Белград, продава коцки на улиците на Чачак, за да може да се прехрани себеси и мајка му, но и да собере џепарлак. Исто така, нема пари да плаќа кирија, па ги молел извршителите долгот за кирија и останатите комуналии да му го поделат на неколку рати. Јован се бори да не биде исфрлен на улица заедно со болната мајка која е без работа.
„Продавам коцки на улица за да заработам за храна и за џепарлак. Живеам со мајка ми која сѐ уште не добила инвалидска пензија. Татко ми живее во Ниш. Исто така, пред некој ден ги молев извршителите долгот за куќата да ми го поделат на неколку рати, затоа што не би имале каде да живееме додека не одам во студенстки дом во Белград. Кога ќе почнам да студирам, мајка ми ќе се пресели кај тетка ми, нејзината сестра“, изјавил Јован.
Тој раскажува дека во период кога немал што да јаде, го терал својот мозок да размислува за други нешта за да ја заборави храната.
„Еден ден бев многу гладен, а седев во една соба во која беше многу студено, затоа што немавме греење. Во тие моменти размислував како да заборавам на гладот. Почнав да гледам во календарот и така да ги споредувам нештата. Веднаш сфатив како функционира календарот. Да речеме, според датумот на раѓање можам да го пресметам денот кога сте родени“, објаснил Стевиќ.
И покрај сѐ, тој не ја симнува насмевката од лицето и се труди што повеќе да размислува за убавите работи.
„Понекогаш ми е депресивно да размислувам за материјалните работи и затоа му се посветувам на своето хоби. Сакам да поминувам време во природа и да возам велосипед, затоа што тоа ме исполнува и ме прави среќен“, раскажа Јован.
За сѐ што постигнал во животот, благодерен ѝ е на мајката Снежана која самата се грижела за него. Јован не се откажува од своите цели и како што вели, секој ден има сѐ поголема желба да напредува и да се усовршува, почнувајќи од студиите на Економскиот факултет.