Изложбата „Архивски документи“ на професорката и ликовната уметничка Жанета Вангели претставува продолжение на токму реализираните проекти за 2026 година, во рамките на Националната галерија. Овој пат, во македонскиот Културно информативен центар во Истанбул, поддржана од Министерството за култура и туризам, ќе се одржи на 8 мај 2026 година во 19 часот. На отворањето, публиката ќе има можност да слушне зборови од директорот на центарот, Диме Ратајковски, кураторката Маја Крстевска, како и директорот на Националната галерија, Али Синани.
Оваа изложба е дел од континуираната промоција на македонската култура и современата уметност на територијата на Република Турција. По успешното претставување на група современи македонски уметници во Истанбул минатата година, соработката со македонските културни центри продолжува и оваа година.
„Архивски документи“ е прво самостојно претставување на Жанета Вангели пред турската публика, и обединува 41 дело изработени во техниката принт на плексиглас, придружени со аудио материјали.

Архивски документи
Пишувањето за значајна уметница како Жанета Вангели е предизвик, особено кога се работи за изборот на нејзини дела кои произлегуваат од богатото творештво. Таа нѐ води во светот на архивските документи низ визуелната уметност, претставена во дигитална форма, фотографии, текстови и звучни инсталации.
Оваа изложба е некаков мозаик на нејзината уметничка фокусираност, преточена во метафизичка реалност која сведочи за времето и просторот. Преку архивските документи, Вангели за четири децении творештво изразува различни аспекти на духовната слобода и ја наведува публиката да ги доживее миговите на сегашноста преку проекција на своите лични искуства. Низ своето ликовно дело, таа оставила длабок впечаток, поттикнувајќи воспоставување на врска со посветеноста во уметноста. Разбирањето на моментот во изложбата се интерпретира како виртуелно читање на прикажаното: објект, сцена или лик, уредени според значењето и со јасен мотив за присуство во композицискиот систем.

На друг начин, присутна е суптилната опозиција на илустративниот модел. Сликите ја поврзуваат реалноста со перцепцијата на различни начини — отворено со перфекционистички пристап, но и опсесивно поттикнати од спонтаноста. Исто така, значајно е да се нагласи мистичниот однос со аргументацијата: длабока, но воздржана. Просторот во којшто живееме е поврзан со свесноста, создавајќи традиционална рамнотежа.
Хармоничната организација на просторот резултира со визуелна композициска сразмерност, особено во симболичките и асоцијативно обликувани површини. Вангели, без оглед на видот на нејзиното дело — било да е тоа објект, печатна уметност, звучна инсталација или фотографија — им придава значење и се стреми кон максимизирање или минимизирање на прикажаното, согласно основниот објект.
Нејзината независност внесува значаен придонес во историјата на слободата и со длабочина ја развива уметноста кон конкретна реалност. Познатото дело „Алтруистичка перница“, исто така дел од оваа изложба, го илустрира развојот на уметничка логика преку специфичен пристап.
Маја Крстевска, Виш кустос
Изложбата ќе остане поставена до 15 мај 2026.
Фото: Национална галерија



