Културно-информативниот центар на Македонија во Истанбул најавува концерт на македонското пијано трио „30 прсти“, кој ќе се одржи на 26 март 2026 година, со почеток во 19:00 часот, во Ерменската католичка црква „Сурп Левон“ во Кадиќој, Истанбул.
Триото „30 прсти“, кое го сочинуваат пијанистите Марија Вршкова, Весна Ангелова Христов и Петар Макариевски, е првиот и единствен состав од ваков вид во Македонија. Оваа формација е основана во 2015 година и активно настапува на домашната и меѓународната сцена, со концерти во Хрватска, Австрија, Бугарија, Србија и Турција.
Ансамблот изведува музика за шест раце на еден клавир, специфична камерна форма која овозможува проширување на звучниот спектар и нови интерпретативни можности. Во 2024 година, триото за првпат во македонската музичка историја изведе дело за шестрачно пијано и камерен оркестар. Тие имаат посебна почит и љубов кон македонската музика, а нивниот репертоар вклучува дела посебно напишани и прилагодени за овој уникатен состав, кој претставува предизвик и инспирација за македонските композитори.
Репертоарот на триото обединува дела од класичниот и современиот музички израз. На концертот во Истанбул ќе бидат изведени композиции од Роберт Шуман, Корепанова, Ф. Иванов, М. Шмиц, Р. Рамазанов, С. Рајх, Д. Букувалас, Б. Илин и Д. Темков.
Членовите на триото се признати пијанисти со значајно солистичко и камерно музичко искуство. Марија Вршкова дипломирала и магистрирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што денес работи како вонреден професор и продекан за концертна дејност. Весна Ангелова Христов има богата концертна активност и долгогодишно искуство како соработник со Македонската филхармонија, а е ангажирана и како професор по пијано и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Петар Макариевски дипломира на ФМУ-Скопје и магистрира во Софија, по што продолжува да развива активна камерна дејност и работи како уметнички соработник на ФДУ-Скопје.
Нивната заедничка работа е пример за висока уметничка синергија и посветеност кон камерното музицирање, како специфична и комплексна форма на музичко изразување.




