Македонското радио денеска слави 81 година од своето постоење. На овој значаен датум, 28 декември 1944 година, радиото стартува со својата мисија, објавувајќи: „Зборува радио Скопје“ – познатата фраза изговорена од Владо Малески, писател и борец во НОВ. Од тогаш, радиото се развиваше и напредуваше ден по ден. Во петдесеттите и шесдесеттите години, оваа институција стана срцето на семејниот живот, единствениот извор на информации, музика и култура.
Слушателите со носталгија се сеќаваат на легендарните гласови и емисии, од вестите до популарните „3 гонга“ и радиодрамите кои пленеа со својата автентичност. Тоа беше време на вистинска радиопродукција.
– Радиото играше клучна улога во промовирањето на македонскиот јазик, музиката и културата со програми кои им беа посветени. Гласовите на водителите станаа препознатлив симбол, а личностите останаа запаметени во колективното сеќавање. Денес, по 81 година, сме сведоци на дигитализацијата, разновидноста на содржини и поголемата слобода во програмата. И покрај силната конкуренција, радиото успева да ја одржи својата блискост со слушателите. Македонското радио и радио Скопје остануваат глас на народот, чувар на јазикот и сведок на историјата во која живееме. Златните времиња не се само минато; нивната традиција и влијание продолжуваат. Македонското радио не е само медиум, туку и звучна меморија на нашата земја, истакнуваат од Македонското радио.
Тие нагласуваат дека радиото останува симбол на блискост, веродостојност и култура, со акцент на македонскиот идентитет.
– Ова Македонско радио го создаваат новинари, уредници, тонци, музичари и хроничари на времето. Тие веруваат и продолжуваат да веруваат дека јавниот сервис не е само работа, туку мисија. По 81 година, Македонското радио, радио Скопје, во период на брзи медиумски промени, останува медиум на доверба, непосреден и човечки. 81 година подоцна, ова радио е традиција што продолжува да зборува, а нејзиниот глас носи топлина и блискост. Во настани од секаква природа, радиото претставува најбрз и најсигурен извор на информации. Тоа поттикнува имагинација – сликите се создаваат во нашите умови. Во дигиталната ера, радиото се адаптираше со онлајн стримови и мобилни апликации, негувајќи ја блискоста, веродостојноста и културната поврзаност. Иако светот се менува, радиото останува глас кој се слуша – симбол на континуитет и поврзаност со народот. 81 година подоцна, Македонското радио, радио Скопје, сè уште зборува. Нека времето го бележи ова симболично постоење. Среќен роденден!!!, завршуваат од Македонското радио.
Фото: Македонско радио




