Македонско-бугарски односи – Aктуелна состојба

Најавите дека евентуално Европскиот парламент би усвоил резолуција за признавање на македонскиот јазик и идентитет, е дел од „креативната“ дипломатија. Може да ја задоволи македонската суета, евентуално, за да се потенцира како морална победа, што и навистина би била, но во суштина нема многу да смени. Резолуциите на Европскиот парламент не се задолжителни за државите членки на Унијата. Трампата на резолуција за внесување на Бугарите во уставот, би преставувала всушност остварување на zero sum game за Бугарија. Нешто што македонската влада, според последната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, го има препознаено.

Најавата од можна средба помеѓу високи преставници на Македонија и Бугарија, на маргините на самитот на НАТО во Хаг, следниот месец, повторно ја „зовре“ јавноста во Македонија. Ништо ново и ништо невообичаено за македонската политичка сцена. Во „генетски“ кодиран дијалог на глуви, тоа е вообичаена практика. Помалку или повеќе истите „проевропски“ ликови повторно бараат внесување на Бугарите во уставот. Тоа ќе ни ја отворела светлата иднина кон Европската Унија, но и ќе придонела да се избегнат евентуалнте меѓу етнички тензии. Едноставно, или играат на карта која е добитна за нив лично, или немаат доволно познавање за суштината на спорот, но и за начинот на делувањето на Европската Унија.

Македонско-бугарскиот спор е идентитетски за двата народа, и за македонскиот и за бугарскиот. За македонскиот тој преставува целосна негација на неговата посебност. За бугарскиот тој преставува негација на неговата самосвест за креираното минато. Со самото ова овој спор е уникатен. Исто како што на свој начин беше уникатен и спорот со Грција. Оттука повиците за превземање на искуства од други држави-народи кои имале слични спорови е дискутабилно. Едно е да се спори околу некој историски настан или лик, друго е да се негира целосна историја, култура и јазик на друг народ. За првото секогаш, ако постои политичка воља, можно е решение. За второто тоа е невозможно. Оттука, барањето за внесување на Бугарите во уставот ништо не решава. Прифаќањето на промената на уставот за да се задоволат бугарските барања, кажано со јазикот на дипломатијата, значи аматеризам.

Истите тие кои бараат внесување на Бугарите во уставот, би било коректно, да побараат од македонската влада по секоја цена да инсистира на обезбедување на културните права на Македонците во Бугарија, во најмала рака. Не постои влада во светот која еднострано би прифатила какво и да е барање на друга влада, посебно не промена на устав, без остварување на реципрочни барања, од другата влада. Кажано поинаку, доколку некоја македонска влада прифати такво барање, без да обезбеди реципрочни права за Македонците во Бугарија, тогаш таа влада слободно може да се нарече анти-македонска. Суштината на дефиницијата за народ, за нација да не зборуваме, е некомпромисната борба за заштита на сопствените малцинства. Само ликови кои не се чувствуваат за припадници на еден народ, можат игнорантски да се однесуваат кон своите сонародници, надвор од границите. И уште нешто. Актуелната македонска влада кон Бугарија води политика, за која доби мандат од мнозинството граѓани. Секоја промена на ваквата политика ќе значи отворена измама. Измама каква што ни се случи со промената на името. Нешто што во европските демократии е незамисливо.

Поборниците за внесување на Бугарите во уставот, поскромно, но приметно ја коментираат и работата на мешовитата македонско-бугарска историска комисија. Комисија која за жал, работи надвор од својот мандат. Во македонско-бугарскиот договор, кој предвиде формирање на ваква комисија јасно стои нејзиниот мандат. Утврдување на личности и настани кои би биле предмет на заедничко чествување. Ништо помалку, ништо повеќе! Оттука сосема е разбирливо прашањето од каде произлегува мандатот на комисијата да расправа за содржината на учебниците по историја. Една работа е одбележување на заеднични личности и настани, кои за воља на вистината ги има и треба заеднички да ги одбележуваме, а друга работа е содржината на учебниците по историја. Посебно во услови на спор, кој е идентитетски.

За воља на вистината, требе да се потенцира дека посетите нa високите eвропски преставници на Македонија, дополнително ги потикнаа заложбите за внесување на Бугарите во уставот. Високите Бриселски бирократи, по кој знае кој пат, ја повторија својата мантра. Истата со која бесрамно не лажеа при промената на уставното име. За воља на вистината зборот „лажеа“ е адекватен, но претежок. Повторувајќи ја својата мантра, тие всушност ги повторуваа ставовите на официјален Брисел. Истото се случува и сега. Нашето чувство дека сме излажани произлегува од одбивањето да прифатиме еден и единствен факт. Политиката која ја води Брисел и за која се залага е заедничката политика на Европската Унија. Таа не единствена. Единствена надворешна политика водат поединечно членките на Унијата. Таа е израз на суверенитетот на земјите членки. Гледано од овој аспект, не постои европска институција која може на Бугарија да и наметне барање за промена на својата позиција кон Македонија. Изјавите за некаква „креативна дипломатија“ во која би биле вклучени европски институции се нецелисходни. Прво, самата дипломатија, по својатаа суштина, исто како уметноста, е креативна. Нејзината креативност директно е поврзана со одлуките на креаторите на надворешната политика. Оттука решавањето на македонско-бугарскиот спор, креативно може да се реши само и само доколку така одлучи бугарското државно раководство. Се разбира во консултации со македонското. Не секоја креативност може да ги задоволи двете страни. Креативноста на бугарската дипломатија доведе до усвојување на протоколите во македонското собрание. Се разбира со амин на тогашната македонска влада. На тој начин, минорен меѓународно правен документ, каков што е протоколот, стана обврзувачки за македонската страна. Станавме една од ретките држави, ако воопшто ги има, во која највисокиот законодавен дом ратификува протокол.

Најавите дека евентуално Европскиот парламент би усвоил резолуција за признавање на македонскиот јазик и идентитет, е дел од „креативната“ дипломатија. Може да ја задоволи македонската суета, евентуално, за да се потенцира како морална победа, што и навистина би била, но во суштина нема многу да смени. Резолуциите на Европскиот парламент не се задолжителни за државите членки на Унијата. Трампата на резолуција за внесување на Бугарите во уставот, би преставувала всушност остварување на zero sum game за Бугарија. Нешто што македонската влада, според последната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, го има препознаено.

Во секој случај, евентаулното усвојување на една таква резолуција во Европскиот парламент, може, со добро осмислена тактика, од наша страна, да има влијание врз државите членки на Советот на Европа. Клучното место за целосно откочување на македонскиот евро-интегративен процес. Се разбира, до следната пречка. Се’ додека државите членки на Советот на Европа, не ја принудат Бугарија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права, Македонија не може да се надева на win-win решение. Во крајна линија, фактички преку поединечното однесување на земјите членки на Советот на Европа, по ова прашање, најдобро ќе се види нивната јасна определба за продолжување на македонскиот евро-интегративен процес. Македонската дипломатија не требе да ја повтори истата грешка како со пресудата на Меѓународниот суд на правдата, во спорот со Грција. Во оваа смисла индиректно може да помогне и официјалниот став на Вашингтон со кој се обвинуваат европските сојузници за кршење на човековите права на Македонците во Бугарија.

Македонскиот и бугарскиот народ, се два блиски соседни народи. Народи кои заеднички, во состав на античката македонска држава, Источното римски царство и Отоманската Империја, делеле две илјади години стара историја и иста судбина. Тоа е нешто што не требе да се изуми. Напротив, требе да поврзува, но и да помага во надминувањето на „грешките“ од процесите на градењето на современите нации. Од раја, директно да создадеш нација не е едноставен и еднонасочен процес. Посебно доколку тој процес е под влијание на голема сила. Големината на македонската и бугарската „креативна дипломатија“ требе да се истакне токму во надминувањето на ова клучно прашање. Се’ друго е споредно! Се разбира доколку постои воља за надминување на спорот. Нешто што не е спорно кај македонската страна. За бугарската, или за некои кои стојат зад неа, тоа се уште не е јасно.

Оригинален текст и слики се заштитени со закон за заштита на медиуми.

Сите објавени содржини (текстови, слики, видеа) се авторски дела и се заштитени согласно Законот за авторски права и сродни права, како и Законот за медиуми на Република Македонија. Секое неовластено копирање, споделување или користење е забрането и подложно на законски последици.