“Македонските филмови со тешкотии стигнуваат до домашната публика; Изгубена е кинокултурата!” – Вечер …1963

Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, истакнува дека во моментов работат на тоа филмовите од фестивалската сцена да стигнат до пошироката публика. Тој нагласува дека ќе се засили контролата над продуцентите, кои, по завршувањето на фестивалското прикажување, се должни да понудат свои филмови за бесплатно прикажување на Македонската радио-телевизија. Важно е да се спомене дека ако не го направат тоа, можат да се соочат со санкции, вклучувајќи забрана за финансирање во следните десет години. Мицевски нагласува дека филмовите треба да бидат достапни не само во кино, туку и на телевизија или на онлајн платформи.

 

Како можеме да ја привлечеме публиката, особено младите, назад во киносалите? Што се случи со кинокултурата во Скопје која цветаше во 90-тите години од минатиот век? Зошто во градот нема доволно кина? Дали македонската кинематографија стигнува до домашната публика и, ако не, зошто е тоа така? Што можат да направат филмаџиите и релевантните институции за повторно да ја привлечат публиката во кината? Оваа и слични теми беа дискутирани на прес-конференцијата по повод новиот успех на македонската кинематографија, каде што беше најавена светската премиера на играниот филм „17“ во режија на Косара Митиќ, на берлинскиот филмски фестивал. На настанот говоразаa продуцентот Томи Салковски и Мицевски.

Салковски истакнува дека, и покрај тоа што се произведуваат добри филмови, во Македонија, особено во Скопје, постои недостаток од места за прикажување.

– Како што знаете, во Македонија нема доволно киносали, освен „Синеплекс“, кој не е наменет за прикажување на дебитантски, нискобуџетни или арт филмови. Ние, заедно како филмаџии, создаваме македонска култура и отвораме важни општествени прашања. Постојат два типа на филмови — оние кои забавуваат и оние кои откриваат проблеми, без оглед дали се социјални, политички или општествени. Мене ме интересираат овие вториве. Фокусот на секој културен работник треба да биде на решавање на проблемите во општеството. Ние имаме многу проблеми, кои можат да служат како материјал за филмови, драми или книги – рече Салковски.

Тој посочува дека со Мицевски и властите од Министерството за култура разговарале за начини за обновување или отворање нови кинопроекциски простори за македонските филмови.

– Останавме со Кинотеката, која премногу не е наменета за нови or репертоарски филмови. Како држава, Министерство за култура и Агенција за филм, мораме сериозно да размислиме и да преземеме мерки – дополни тој.

Салковски истакна дека македонски створби, особено оние од новата генерација на млади филмаџии, би требало подобро да се видат.

– Не сметам дека е нужно да се прикажуваат филмовите во училишта, бидејќи добриот филм секогаш ќе привлече внимание и создаде дискусија. Но, дефинитивно сме ја изгубиле филмската публика. Тука морам да ги пофалам театралците, кои за последните дваесет години успешно ја вратија публиката во театарот. Во минатото, луѓето оделе на кино, а сега ситуацијата е сосема обратна. Ние сме одговорни за оваа промена и зашто сме ја занемариле кино уметноста – рече Салковски.

Тој нагласи дека филмаџиите и релевантните институции, заедно со медиумите, треба да работат за да ја променат оваа состојба, особено во контекст на амбицијата на Скопје да биде Европска престолнина на културата.

И Мицевски се согласува дека овој проблем е од големо значење. Тој нагласува дека Агенцијата за филм активно работи на начините за стигнување на фестивалските остварувања до домашната публика.

– Ова е еден од најголемите предизвици, а филмовите што ги финансира Агенцијата се создадени со народни средства, од буџетот на државата. Сепак, 90% од филмовите не го достигнуваат својот целосен потенцијал. Тие не достигнуваат до народот, кој му дава поддршка на македонската кинематографија, т.е. нашата публика – рече Мицевски.

Тој објасни дека Агенцијата изнаоѓа начини, согласно моменталната легислатива, да го реши овој проблем.

– Има неколку решенија. Се согласувам со Салковски дека „Синеплекс“ не е адекватно место за европски арт-хаус филм и треба да се отворат повеќе институции за македонскиот филм. Во моментот се разгледуваат опции за решавање на оваа ситуација, во врска со киното „Милениум“ – рече Мицевски.

Додаде дека Агенцијата во моментот прави анализа на тоа кои филмови треба да добијат финансирање, а за тоа ќе се разгледаат и претходните успеси на продуцентите и режисерите во Македонија.

– Успехот на неколку фестивали е важен, но постојат бројни автори и продуценти кои премиерно ги прикажуваат своите филмови пред многу мал број на публика, што не е праведно. Неопходно е да се поддржат оние кои активно работат на тоа да привлекуваат публика – заклучи Мицевски.

Тој нагласи дека Агенцијата ќе ги следи резултатите од прикажувањето и дека со следниот повик ќе се обидат да ги искористат овие информации за да донесат одлуки за финансирање на идни проекти.

– За сите кои финансиски поддржуваат филмови, е важно и меѓународното признание, но исто така и нашата публика мора да ги види овие филмови. Сите механизми за тоа ќе бидат активирани – дополни Мицевски.