Доделувањето на наградите „Златен лав“ во неколку категории е одложено за 22 ноември, по колективната оставка на Меѓународното жири минатата недела
Во Венеција пристигна тимот што ќе ја претставува Македонија на 61. Биенале за уметност. Отворањето на Македонскиот национален павилјон е закажано за петок, 8 мај, во 18.30 часот, на кое ќе биде презентиран проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ од мултимедијалниот уметник Велимир Жерновски. Нашето учество го организира Музејот на современа уметност – Скопје. Македонскиот национален павилјон се наоѓа на адресата Спацио Кастело 77 во престижниот Арсенале. Куратори на проектот се Тихомир Топузовски и Аманда Буткез од Канада, а комесар е Авни Ќаили.

Венециското биенале е најстарото ликовно дејство во светот и ќе се одржи од 9 мај до 22 ноември. Иако главните награди „Златен лав“ требаше да бидат доделени на 9 мај, оваа церемонија е отсега одложена за 22 ноември, откако Меѓународното жири изрази колективна оставка.
„Поради оставките на членовите на Меѓународното жири на 61. Интернационална уметничка изложба и во контекст на актуелната меѓународна геополитичка ситуација, Биеналето одлучи церемонијата за доделување награди да се одржи на 22 ноември, последниот ден отворен за публика“, истакнуваат од Венециското биенале во своето соопштение.
Тема на годинашното издание е „Во молски тоналитети“, со куратор Којо Куох, која пред една година почина. Изложбата ќе биде реализирана од тимот што таа сама го избрала. Планирано е да бидат изложени дела од 110 уметници од различни делови на светот. Дополнително, на локациите Арсенале и Џардини ќе бидат вклучени 100 национални претставувања и 31 дополнителен настан.

Според кураторите Тихомир Топузовски и Аманда Буткез, инсталацијата на Жерновски дополнително ја преиспитува границата на човечкото, генерирајќи нови етички сензибилитети. Во неговото монументално дело, авторот ја обвиткува препознатливата Пиета со златни ургентни прекривки, направени од метализиран пластичен филм, материјал што првично служи за вселенски мисии. Овие прекривки се водоотпорни, рефлективни и ја задржуваат телесната топлина. Како што објаснуваат кураторите, со помош на овој материјал, уметникот повторно ја облекува Пиетата, создавајќи нови значења. Златото ја обвива фигурацијата на делото во сферата на емоции, страсти и страдања.
Велимир Жерновски, роден 1981 година во Скопје, дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Преку различни медиуми, како што се цртеж, видео, инсталации и сценски дизајн, тој ги истражува концептите на идентитетот, урбаноста и популарната култура. Има реализирано самостојни изложби во Њујорк, Париз, Виена, Фрајбург, Белград и Скопје, а активно учествува на бројни групни изложби во Европа, САД и Азија уште од почетокот на неговата кариера во 2005 година.
Венециското биенале, со продолжение од 130 години, е една од најпрестижните културни институции во светот, а првата Меѓународна уметничка изложба се одржа во 1895 година.



