Благодарница за Македонскиот КИЦ во Загреб
На свечена церемонија во Хрватскиот државен архив, по повод 60-годишнината на Меѓународната смотра на фолклорот во Загреб, македонскиот Културно-Информативен Центар (КИЦ) доби признание за својот креативен придонес и успешната соработка во промовирањето на традиционалната култура и нематеријалното културно наследство. Оваа манифестација, која се смета за најпрестижна во Хрватска, наградуваше институции и лица кои работат на зачувувањето на културните богатства.
Благодарницата му беше предадена на македонскиот КИЦ од страна на уметничкиот директор на Меѓународната смотра, Твртко Зебец. Признањето беше примено од Зорица Велиновска, претставничка на Македонците во Советот за национални малцинства на Република Хрватска.
„Ова е исклучително значајно признание за македонскиот КИЦ во Загреб и потврда за неговата улога во културната дипломатија и соработката помеѓу Македонија и Хрватска. Овие 60 години од Меѓународната смотра на фолклорот, чиј претседавач е министерката за култура и медиуми на Хрватска, Нина Обуљен Коржинек, е голема чест и одговорност за нас“, истакна Мими Ѓоргоска Илиевска, директорка на македонскиот КИЦ.
По повод јубилејот, во македонскиот КИЦ беше отворена изложбата „Поздрав од Македонија – фотографии на македонски фолклорни групи на Меѓународната смотра на фолклорот во Загреб“, која документира шестдецениско учество на македонски културни групи.
Оваа година, КУД „Дримкол“ од Вевчани се претстави со својот автентичен фолклор на сцените во паркот Зрињевац и на главниот плоштад „Бан Јелачиќ“ во Загреб.
Фото: Македонски КИЦ во Загреб




