Кошаркарскиот репрезентативец на Македонија, Ненад Димитријевиќ, сподели пред медиумите дека со нетрпение го очекува натпреварот од евроквалификациите против Естонија, уверувајќи дека националниот тим ќе биде подготвен за предизвикот.
– Естонците се силен и незгоден противник. Во претходните квалификации имавме потешкотии против нив,но сметам дека поседуваме доволен квалитет да се наметнеме и да дојдеме до позитивен резултат,дури и на нивни терен.Сите сме подготвени и со нетрпение го очекуваме почетокот на натпреварот – истакна Димитријевиќ.
Денеска, сениорскиот состав го одржа својот прв собир, со што официјално започнаа кратките подготовки во Скопје, пред одлучувачките два квалификациски дуели. Димитријевиќ е оптимист дека новиот тандем со Ти Џеј Шортс ќе проработи и ќе придонесе за успехот на репрезентацијата.
– Верувам дека до мечот со Естонија ќе бидеме целосно подготвени. Пред сè, треба да бидеме физички подготвени, бидејќи кошарката денеска се игра со висок интензитет. Естонците се тим што игра брзо и агресивно, а дополнително располагаат со квалитетни играчи, вклучувајќи и кошаркари со евролигашко искуство. Затоа е неопходно да одговориме со иста енергичност и сила. Нашиот пристап мора да биде јасен – влегуваме од првиот момент со цел да победиме, а не да чекаме како ќе се одвива натпреварот – нагласи македонскиот плејмејкер.
Селекторот Александар Јончевски, пак, нагласи дека во моментов фокусот е целосно насочен кон дуелот со Естонија.
– Во моментов најважно е да го освоиме натпреварот против Естонија, бидејќи тоа ни носи шанса за пласман понатаму. За мечот со Полска ќе размислуваме откако ќе го завршиме овој предизвик. Имаме силна мотивација и огромна желба да успееме, иако во некои сегменти можеби не сме во идеален состав. Најважно е што Димитријевиќ е тука, а и што го имаме Ти-Џеј Шортс во тимот. Очекувам добро функционирање меѓу нив и верувам дека тоа ќе ни донесе позитивен исход.Во контакт сум со Јакимовски, кој првично имаше малку шанси да ни се приклучи, но сега се отвори можност тоа да се случи. Очекувам да биде во Талин и да ни помогне. Добра вест е и присуството на Теодор Симиќ, кој ќе ни биде важен во борбата под кошевите, каде што најмногу страдавме против физички доминантни противници. Верувам дека можеме да се наметнеме со динамична игра и да ја неутрализираме негативата од пет поени во Талин – изјави Јончевски.




