„Македонскиот јазик е поважен од личните интереси“: Љутков остро одговори на Груевска-Маџоска

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, одговори на обвинувањата од страна на поранешната претседателка на Советот за македонски јазик, Симона Груевска-Маџоска. Тој подвлекува дека нејзината изјава содржи селективно претставување на фактите и му причинува штета на угледот на институциите.

„Со големо разочарување го прочитав вашиот текст. По приемот на вашата оставка, се договоривме да избегнеме јавни расправи за да го заштитиме угледот на Советот за македонски јазик,“ пишува Љутков.

Тој истакна дека Владата и Министерството активно работеле на одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, преку координативно тело со учество на многу институции, вклучувајќи го и Советот.

„Не станува збор за недостаток на средства, туку за координиран институционален пристап кој надминува индивидуалната ангажираност. Непристојно е да се обесценуваат оние кои сериозно се вложија во организацијата на јубилејот,“ нагласи министерот, додавајќи дека Груевска-Маџоска била соодветно наградена за своето работење.

Во врска со Националната стратегија за македонскиот јазик, Љутков појасни дека процесот траел подолго поради сложеноста и потребата од широки консултации, а не поради занемарување.

Тој ги отфрли тврдењата за недостиг на комуникација, истакнувајќи дека координативните тела и работните групи биле места за разгледување на сите суштински прашања.

„Македонскиот јазик е многу поважен од личната промоција на кој било поединец и мора да остане над партиските и личните пресметки,“ заклучи Љутков, додавајќи дека останува отворен за конструктивна соработка со сите кои искрено се грижат за македонскиот јазик и идентитетот.