Македонскиот центар во Загреб: Предавање и интерактивен квиз посветен на научната фантастика во македонската книжевност

Во неделата кога го славевме 5. Мај – Денот на македонскиот јазик, кој ни напомнува за важноста на јазикот како фундамент на нашиот културен и национален идентитет, македонскиот Културно-информативен центар во Загреб учествуваше во разни активности за афирмација и промоција на македонскиот јазик. Во рамките на овие настани, Маријана Јанчевска – Угарковиќ одржа предавање и интерактивен квиз на тема „Научна фантастика: приказната на Македонија“. Настанот привлече многу луѓе, кои покажаа интерес за книжевноста, културните наративи и жанрот на научната фантастика. Иницијативата за предавањето дојде од наставниците кои предаваат македонски јазик и култура, а присуствуваа и ученици кои го изучуваат македонскиот јазик во Хрватска.

Директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, во своето воведно обраќање посебно ги поздрави учениците и им се заблагодари за нивниот интерес и присуство. Таа нагласи дека „во неделата кога го одбележуваме Денот на македонскиот јазик, овој настан е особено важен за отворање нови перспективи во проучувањето на јазикот и јазичното творештво, како и за начините на кои фикцијата може да послужи како средство за разбирање на реалноста“.

Прочитајте и:  Крива Паланка освои титула во пинг-понг, непобедена во целата сезона за триумф во титули!

Маријана Јанчевска – Угарковиќ, со динамично и интересно излагање, ја приближи темата на научната фантастика како простор за потврдување на историјата и идентитетот. Преку предавањето и интерактивниот квиз, публиката имаше можност активно да учествува, да разменува идеи и да ги прошири своите знаења за овој литературен жанр и неговите специфики во македонски контекст.

Настанот се одвиваше во поттикнувачка атмосфера, а публиката активно учествуваше во дискусиите.

Со оваа програма, македонскиот Културно-информативен центар во Загреб повторно ја потврди својата важна улога како место за средби и културна размена, промовирајќи современи теми и поттикнувајќи интеракција меѓу публиката и авторите.

Проектот „Научна фантастика: приказната на Македонија“ е дел од годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб, а е поддржан од Министерството за култура и туризам.

Фото: МКИЦ