Во своето обраќање, Ѓоргова ја истакна важноста на културната соработка и поврзувањето меѓу државите, што обединува уметници, продуценти и културни организации од Европа, нашиот регион и пошироко.
„Културата не е само наследство што го чуваме, туку и жива сила која нè поврзува и нè движи напред. Токму преку ваквите средби создаваме нови вредности, нови партнерства и заедничка иднина“, нагласи Ѓоргова.
Таа акцентираше дека учеството на нашата земја на овој важен настан нуди можност за промоција на нашето богатo културно наследство и современата уметничка сцена, како и за отворање нови перспективи за соработка во креативните индустрии и иновациите.
Ѓоргова го посети и македонскиот павиљон на фестивалот, каде што своја презентација имаа уметници, претставници на фестивали, музички продукции, филмски автори, занаетчии, туристички оператори и претставници од културниот сектор.
Фестивалскиот дел започна со 40-минутен сценско-визуелен перформанс од истакнатата македонска пијанистка Ема Попивода и Камерниот оркестар „Профундис“, во соработка со оркестарот на Албанската радио-телевизија.
Овој уникатен проект, како што се наведува во соопштението, понуди современ аудиовизуелен концепт што спојува класична музика, електронски елементи и визуелна уметност, претставувајќи силен уметнички вовед во македонското присуство на фестивалот, каде македонските уметници застанаа рамо до рамо со интернационални имиња од светската сцена.
За значајното учество и придонес во промоцијата на културата, Министерството за култура и туризам, заедно со Македонскиот културен центар во Тирана, добија специјално признание од организаторите на фестивалот.

Присуството на фестивалот во Тирана е реализирано со поддршка од Министерството за култура и туризам и, како што се наведува во соопштението, претставува важен чекор за меѓународна промоција на македонската култура, отворајќи нови можности за соработка и поголема видливост на домашната уметничка сцена на регионално и европско ниво.




