Македонската композиторка Ана Пандевска ќе се претстави на угледниот фестивал за современа музика „ЕКЛАТ“, кој ќе се одржи од 4 до 9 февруари 2026 година во Штутгарт, Германија.
Таа ќе учествува со две музички композиции и едно видео во рамките на програмата фокусирана на современите авторски и уметнички практики, објави Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ).
Двете композиции ќе бидат изведени од реномираниот вокален ансамбл Neue Stuttgart, а видеото е создадено во соработка со македонската режисерка Анастасија Лазарова Пилинг.
Во програмата ќе бидат вклучени делата „Electroacoustic mantra: From ex YU to EU“ (2022/2023) и „From ex YU to EU – Pass the Word / Clap Game“ (2025). Првото дело е инспирирано од мантрата како концепт на повторување и истражува долгиот и сложен процес на европските интеграции на Македонија по распадот на Југославија. Преку вокални и електронски структури, делото го осветлува државниот и идентитетскиот наратив, медиумското и политичкото повторување, како и процесот на промената на името на државата — од Република Македонија, преку Поранешна Југословенска Република Македонија, до Северна Македонија.
Второто дело, создадено во 2025 година, претставува ироничен продолжеток на првото. Во „Pass the Word / Clap Game“, бирократската и дипломатската комуникација се прикажуваат како игра, во која правилата, ветото и регулативите добиваат апсурдни димензии. Хуморот се користи како начин за ослободување од акумулираната напнатост, но под површината останува критичката порака за бескрајното чекање, културната адаптација и постојаните надворешни блокади поврзани со уставните, јазичните и идентитетските прашања.
Во поширок контекст, делата го отвораат прашањето како малите нации комуницираат со големите системи и како индивидуалниот уметнички глас опстојува во политичкиот и институционален шум.




