Државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија С. Ѓоргова, во последните денови престојуваше во Тирана, Албанија, каде се обрати на отворањето на еден од најзначајните културни настани во регионот – „Мјуз-Екс Експо фестивал“.
Во своето обраќање, Ѓоргова нагласи важноста на културната соработка и поврзувањето меѓу земјите, обединувајќи уметници, продуценти и културни организации од Европа, регионот и пошироко.
„Културата не е само наследство што го чуваме, туку и жива сила која нè поврзува и нè движи напред. Преку ваквите средби создавааме нови вредности, нови партнерства и заедничка иднина“, истакна Ѓоргова.
Таа додаде дека учеството на Република Македонија на овој важен настан ја претставува можноста за промоција на богатото културно наследство и современата уметничка сцена, како и за отворање нови перспективи за соработка во креативните индустрии и иновациите.
Ѓоргова го посети и македонскиот павиљон на фестивалот, каде своја презентација имаа уметници, претставници на фестивали, музички продукции, филмски уметници, занаетчии, туристички оператори и претставници на културниот сектор во нашата земја.
Фестивалскиот дел започна со 40-минутен сценско-визуелен перформанс од истакнатата македонска пијанистка Ема Попивода и Камерниот оркестар „Профундис“, во соработка со оркестарот на Албанската радио-телевизија.
Овој уникатен проект понуди современ аудиовизуелен концепт, комбинирајќи класична музика, електронски елементи и визуелна уметност, што претставуваше силен уметнички вовед во македонското присуство на фестивалот, со македонските уметници рамо до рамо со интернационални имиња од светската сцена.
По значајното учество и придонесот во промоцијата на културата, организаторите на фестивалот им доделија специјално признание на Министерството за култура и туризам и Македонскиот културен центар во Тирана.
Присуството на фестивалот во Тирана беше реализирано со поддршка од Министерството за култура и туризам и претставува важен чекор за меѓународна промоција на македонската култура, отворајќи нови можности за соработка и поголема видливост на домашната уметничка сцена на регионално и европско ниво.




