Македонија се обврзува на европскиот пат, но заслужува достоинствен и принципиелен процес, истакна Мицкоски на средбата со Кошта.

Во петокот попладне, премиерот Христијан Мицкоски оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за време на неговата посета на Минхен. Мицкоски нагласи дека Македонија останува определена за европскиот пат и реформите, но истакна дека тоа треба да се случува преку достоен и принципиелен процес, заснован на европските вредности, а не врз основа на билатерални условувања.

„Отворено и искрено разговаравме за европската перспектива на Македонија, реформите што ги спроведуваме и предизвиците што се пред нас на патот кон полноправно членство во Европската Унија. Јасно ја пренесов нашата позиција — Македонија е посветена на европскиот пат. Но, таа заслужува достоинствен и принципиелен пристап, во кој нема место за билатерални условувања“, рече премиерот Мицкоски на средбата.

Тој потврди дека Владата работи на клучни реформи во областа на владеењето на правото, борбата против корупцијата, економската стабилност и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните.

„Европската иднина не е само политичка цел, туку и избор за подобра држава. Ние продолжуваме да работиме одговорно, чесно и со јасна визија за Македонија во Европа!“, порача Мицкоски на социјалните мрежи по средбата со Кошта.

Премиерот исто така учествуваше на 62. Минхенска безбедносна конференција, каде имаше средба со раководството на компанијата 4IG, на која се разговараше за планираните инвестиции од 100 милиони евра во различни сфери во земјата. Исто така, тој се сретна и со менаџментот на германскиот гигант „Шварц груп“, кој управува со познатите брендови „Лидл“ и „Кауфланд“.