Во документите се наведува дека станува збор за околу 1.000 мозоци, вклучувајќи и мозоци на лица кои се самоубиле. Не е јасно дали семејствата на починатите во Македонија дале согласност за употреба на органите, ниту дали македонската држава дозволила ваква постапка.
Во објавениот мејл од 5 февруари 2019 година, се споменуваат истражувања за причините на самоубиствата и биологијата која стои зад нив. Во него се именуваат некои еминентни научници од американските универзитети во Питсбург, Колумбија, Њујорк, Јејл…
Во делот што се однесува на Македонија, стои: „Малата балканска земја Македонија ги обезбедува мозоците, благодарение на еден член на факултетот на Универзитетот Колумбија, кој потекнува од тука и кој помогнал да се организира целиот процес. Мозоците се замрзнуваат веднаш по нивното отстранување и со авион се транспортираат во сандаци, под специјална придружба, поминувајќи околу 7.500 километри за да завршат во црни кутии со големина на кутија за чевли, означени со кјуар-кодови. Внатре се наоѓаат дисецирани делови од розово ткиво во пластични кеси, обележани со маркери: десна страна, лева страна и датум на земање.“
Епстин беше осуден во Флорида во 2008 година за подведување на малолетнички на проституција, додека во 2019 година Министерството за правда го обвини за трговија со луѓе во целите на сексуална експлоатација. Во август истата година, тој беше пронајден мртов во неговата затворска ќелија во Њујорк, а неговата смрт официјално беше прогласена за самоубиство.




