Македонија каска во превенцијата на рак на грло на матка

Главната причина за актуелната ситуација е недоволниот опфат на жените со програмата за скрининг на рак на грло на матка, што резултира со неадекватно навремено откривање и превенција на оваа болест, покажува анализа на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.
Иако програмата предвидува опфат од 75 отсто од женската популација на возраст од 21 до 59 години за три години, државата не издвојува доволно средства и не спроведува активности за едукација и информирање на жените.
„Во последните три години, од 2023 до 2025, скринингот бил извршен на околу 149.000 жени, што е само 32% од предвидениот опфат. За разлика од предвидените 75%, бројот на опфатени жени наместо да расте, континуирано опаѓа. За споредба, во Словенија, 71 процент од жените биле опфатени со истата програма за три години“, истакнува Борјан Павловски од Здружението ЕСЕ.
Ниското ниво на скрининг резултира со тоа што Македонија се наоѓа меѓу земјите со најголем број новооткриени случаи на рак на грло на матка во Европа и регионот. Според последните податоци, во 2023 година биле регистрирани 327 нови случаи, додека во 2022 година имало 289 случаи. Оваа стапка е највисока во Европа, речиси пет пати повисока од во Грција и Италија, три пати повисока од во Словенија и двоикратно поголема од во Србија.
Во однос на смртноста, од 2017 до 2023 година, од рак на грло на матка починале вкупно 540 жени. Тоа значи дека во Македонија годишно умираат околу 70 жени од овој вид карцином, иако мнозинството смртни случаи би можеле да се спречат со навремен и соодветен скрининг.
„Клучниот проблем во оваа ситуација се недоволните средства од државата за скрининг и недостатокот од матични гинеколози, особено во 40 општини каде воопшто нема матичен гинеколог. Дополнително, не постојат активности за едукација и информирање на жените за неопходноста на овие прегледи“, објаснува Павловски.

Прочитајте и:  Пронајдени се телата на тројцата патници кои исчезнаа по полетувањето од скопскиот аеродром.

Во последните две години, транспарентноста на Министерството за здравство во оваа сфера е значителен проблем. Поради промените во начинот на планирање на скринингот, не се достапни информации за тоа колку средства точно се издвојуваат за оваа активност и колку жени е планирано да бидат опфатени секоја година.
Здружението ЕСЕ укажува на потребата од промена на методологијата за изведување на скринингот на грло на матка. Во моментов, процедурата се изведува со ПАП-брис, кој има 20% шанса за грешка, додека светските стандарди предвидуваат воведување на ХПВ-тест, кој е почти 99% точен.
Ракот на грло на матка е четвртиот најчесто дијагностициран вид рак кај жените, но ако се открие навреме, шансите за целосно излечење се значително зголемени. Токму затоа, оваа група ракови е прва за која Светската здравствена организација усвои глобална стратегија за целосно елиминирање на смртноста.
Работата на полето на унапредување на скринингот за рак на грло на матка се реализира во рамки на проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“. Проектот произлегува од соработката на организациите ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружение ЕСЕ, Здружение за поддршка на луѓето кои живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ и Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.