Македонија и Црна Гора потпишаа Меморандум за зајакнување на соработката.

Со овој меморандум, Министерството за јавна администрација на двете земји ја унапредува својата соработка во важни области како што се дигитализацијата на јавните услуги, управувањето со човечките ресурси, добро управување, транспарентност и професионализација на јавната администрација.

„Овој документ не е само формалност – тој е патоказ за заедничка иднина, за зајакнување на институционалните капацитети и ново поглавје во билатералните односи помеѓу Република Македонија и Црна Гора“, изјави министерот Минчев.

Меморандумот предвидува размена на искуства, експертиза и најдобри практики, како и заедничка реализација на проекти поддржани од Европската Унија и меѓународни партнери.

Целта е да се придонесе кон создавање на поефикасни, транспарентни и граѓански ориентирани институции.

„Реформата на јавната администрација не е само внатрешна обврска, туку и надворешен сигнал – дека нашите институции се подготвени за европските стандарди, за модерно управување и вистински партнерства во регионот“, нагласи Минчев.

Тој изрази благодарност до црногорските домаќини за нивното партнерство и за споделената визија за модерна, резултат-ориентирана администрација која ќе биде во служба на граѓаните.

„Од Подгорица испраќаме заедничка порака: јавната администрација мора да биде двигател на интеграцијата, не нејзина пречка. Професионализмот, транспарентноста и ефикасноста не се луксуз, туку предуслов за стабилност, економски развој и членство во ЕУ“, се наведува во соопштението, додавајќи дека оваа соработка е значаен чекор кон зацврстување на регионалните врски и заедничкото приближување кон европската иднина.