Македонија без проблеми ја совлада Гвинеја во последниот меч од првата групна фаза на Светското првенство

На крајот на првиот дел, македонската репрезентација имаше водство од четири погодоци, а во вториот дел, рутински дојдоа до првата победа на ова Светско првенство со резултат 29-20

Македонија со првата победа над африканската земја Гвинеја го заокружи настапот во првата групна фаза и обезбеди учество во главната рунда на Светското првенство кое се одржува во Хрватска, Данска и Норвешка. Македонските ракометари го совладаа денешниот противник со девет погодоци разлика (29-20). На крилјата на големата поддршка од трибините, Македонија лесно стигна до победата како голем фаворит, иако играта во првите дваесетина минути изгледаше загрижувачки, оти се играше гол за гол, а резултатот на семафорот беше 7-7. Но, до крајот на првиот дел, македонските ракометари направија разлика од четири погодоци, а во вториот дел рутински го донесоа натпреварот до крај победувајќи со разлика од девет погодоци.

Фото: МИА

Најефикасен во нашиот состав беше капитенот Филип Кузмановски, кој постигна дванаесет погодоци, со што барем за момент се искачи на врвот на листата на најдобри стрелци на Светското првенство.

Со оваа победа, Македонија го потврди пласманот во следниот круг, каде што најверојатно ќе влеземе како трети од нашата група и ќе пренесеме само еден поен кој го освоивме на првиот натпревар со Унгарија. Нашите репрезентативци остануваат во Хрватска и веќе следната недела ќе играат три натпревари, и тоа со Австрија, Катар и Франција, во обид да се обезбеди пласман во четвртфиналната фаза.

- Реклама -