37-годишна жена и нејзината двегодишна ќерка починаа од повредите здобиени откако 24-годишен Авганистанец намерно влетал со автомобил во толпа луѓе во Минхен.Германската полиција потврди дека тие се првите жртви што им подлегнале на повредите по инцидентот што се случи во четвртокот.
Според полициските извештаи, најмалку 39 лица се повредени кога осомничениот со возилото удрил директно во марш организиран од синдикатот Верди. Тој веднаш бил уапсен на местото на настанот и веќе во петок треба да се појави пред суд.
„За жал, денес ја потврдуваме смртта на двегодишно дете и неговата 37-годишна мајка“, изјави портпаролот на полицијата Лудвиг Валдингер за новинската агенција АФП. Овој шокантен напад се случува само десет дена пред граѓаните на Германија да излезат на федералните избори, што отвори дополнителни дебати за безбедноста и миграционата политика во земјата.
Според државниот обвинител Габриеле Тилман, осомничениот признал дека намерно го извршил нападот. Сведоци на настанот изјавиле дека веднаш по ударот во толпата, тој извикал „Алаху Акбар“ и започнал да се моли на местото.
„Сите докази и изјави на осомничениот упатуваат на исламистичка позадина на нападот“, изјави Тилман.Таа додаде дека истрагата е сè уште во почетната фаза, но постојат бројни индиции дека нападот бил идеолошки мотивиран.При претресот на неговиот мобилен телефон,истражителите пронашле комуникации што го потврдуваат неговиот екстремистички светоглед.
Осомничениот имал дозвола за престој во Германија од хуманитарни причини, иако неговото барање за азил било одбиено пред неколку години. Државното правобранителство веќе покрена обвинение за 36 обиди за убиство против него.
Дополнително, полицијата истакна дека Фархад Н. бил вработен во безбедносниот сектор,легално престојувал во Германија,но во минатото веќе бил во судир со законот поради кражби и поседување нелегални дроги. Освен тоа, според информациите на германскиот портал Шпигел, осомничениот активно ширел исламистичка пропаганда на социјалните мрежи пред да го изврши нападот.
Овој случај повторно ја разгоре дебатата околу безбедносните прашања поврзани со радикализацијата и прашањето за депортација на лица со одбиен азил, особено во пресрет на претстојните избори.