Полуфиналниот двомеч меѓу Интер и Барселона ќе остане цврсто врежан во историјата на најелитното фудбалско натпреварување, бидејќи италијанскиот и шпанскиот великан режираа спектакл каков што не се памети во Лигата на шампиони.
Во нестварни два натпреври во кои видовме дури 13 погодоци, на крај повеќе среќа и повеќе нерви имаа избраниците на Симоне Инѕаги, кои вечерва беа на работ од елиминација, пред да изборат реми за дополнителни 30 минути игра во 93-та минута.
По лудите 3:3 на „Монжуик“, Интер одигра поефикасно прво полувреме во кое повторно поведе со 2:0 како на првиот меч, но Барселона го немаше кажано последниот збор, нешто во што се уверивме во вторите 45 минути. Каталонците успеаја да направат целосен пресврт на погодоците кои ги постигнаа Лаутаро и Чалханоглу во првиот дел и се чинеше дека се пред финале во Лигата на шампиони, но така не мислеше и Ачерби.
Гарсија, Олмо и Рафиња се погрижија за предност од 2:3 на Барселона во завршницата во која изгледа како подобар тим, но откако Јамал ја погоди стативата во 92-та минута, следеше казна на спротивната страна.
Еден добиен дуел на Дамфрис заврши со гол на Ачерби за 3:3, а со вкупни 6:6 по комплетирани 180 минути, ова епско полуфинале отиде во дополнителни 30 минути игра.
Продолжението подобро го отвори Интер кој играше поенергично, а во такви услови, пристигна и голот на Фратези кој на крајот ја направи клучната разлика во овој историски двомеч меѓу европските ривали. Секако, не смеат да се заборават и двете вонсериски одбрани на Зомер, од кои втората пристигна во 114-та минута во дуел со Ламин Јамал.