Лубослав „Љубо“ Пенев (59) се наоѓа во тешка здравствена состојба и се бори за својот живот во онколошка клиника во Германија.
Легендарниот бугарски фудбалер беше хоспитализиран минатата недела, при што му беа направени детални прегледи, а резултатите, за жал, не се поволни. Се утврдило дека страда од рак на бубрезите.
Пенев е во критична здравствена состојба. Бугарските медиуми известуваат за неговата значајна слабост и исцрпеност, поради што хемотерапијата не е возможна опција. Семејството Пенев со апел до јавноста побарало помош:
„Денес, една од најголемите легенди на Бугарија се бори за живот. Лубослав Пенев ни даде многу победи, гордост и сила – сега е време да му понудиме надеж. Ви молиме, да се собереме и да му помогнеме на човекот кој никогаш не престана да дава за нашата земја“, се вели во пораката која веднаш се прошири низ Бугарија и пошироко.
Ова е вторпат Пенев да се соочува со оваа подмукла болест. Во пролетта 1994 година, му беше дијагностициран рак на тестисите, што го спречи да учествува на Светското првенство во САД.
Лубослав Пенев ја започна својата кариера во ЦСКА Софија, каде што стана клупска легенда. Потоа, играл за познати клубови како Валенсија и Атлетико Мадрид.
Одигра 62 натпревари за репрезентацијата и постигна 14 гола. По завршувањето на фудбалската кариера, остана активен во спортот, посветувајќи се на тренерството. Помеѓу 2009 и 2024 година, раководеше со низа бугарски клубови, а од 2011 до 2014 година беше селектор на репрезентацијата, кратко време работеше и како тренер на „Б“ тимот на Валенсија.
Неговото последно назначување беше со Локомотива од Пловдив минатата година.
Фото/ ЕПА




