Лора Јовановска ги претвора искрените емоции во бои и облици – Вечер …1963

„Најголем интерес кај љубителите на уметноста предизвикуваат делата во кои комбинирам различни техники и внесувам силна емоција. Најчесто луѓето ја чувствуваат топлината во моите слики – велат дека се пронаоѓаат во нив и се поврзуваат со емоцијата што ја носат. Тоа за мене е најголем комплимент бидејќи уметноста ја гледам како мост меѓу мојата инспирација и чувствата на публиката“, вели младата македонска уметница Лора Јовановска.

 

Лора Јовановска е млада, но веќе позната македонска уметница која има зад себе две самостојни изложби. Нејзината прва изложба, „Повеќе отколку што можам“, беше одржана во 2023 година, кога на 17-годишна возраст пред јавноста се претстави како авторка која преку бои и симболи истражува женската енергија и духовноста. Со втората изложба, „Кодот на благородноста“, која се реализираше на 18 октомври 2025 година во „Концепт 37“, Лора ја потврди својата зрелост и уметничка визија. Таа стана автентичен глас на новата генерација македонски уметници, создавајќи визуелно впечатливи дела и градејќи силна врска со публиката.

Во разговорот со нас, Лора открива дека комбинира различни техники во својата работа, бидејќи секоја од нив носи специфична енергија и начин на изразување.

„Кога работам со акрил, целам на динамика и брзина во делото, експериментирајќи со слоеви и текстури. Маслото, пак, го користам кога сакам да создадам пореалистичен ефект – неговата длабочина и богатствo на бои ми дозволуваат да се фокусирам на деталите и да создадам посилна интимност со делото“, објаснува Јовановска.

Во своето најново дело во „Концепт 37“, Лора ги продолжи темите на коњите, симбол на благородност, сила и слобода. Овие мотиви ги претстави во динамични композиции со впечатливи колоритни контрасти.

На прашањето за изворите на инспирација, Лора посочува: „Голем дел од неа доаѓа од мојот миленик Деран (кучето) и од секојдневието околу мене. Неговата радост и енергија ми потсетуваат на чистите емоции што сакам да ги преточам во боја и форма.“

Студентка на архитектура и дизајн, Лора Јовановска е симбол на новата македонска културна енергија.

„Моментално работам на академските обврски, па не планирам нова изложба во овој период. Сепак, за 2026 година планирам да се претставам со нешто ново, а можеби и надвор од Македонија“, вели таа.

Иако сè уште не имала изложба надвор од нашата држава, таквото планирање е дел од нејзините амбиции – да ја претстави својата уметност и пред интернационална публика.

„Секое ново претставување е можност за дијалог со различни култури и гледишта, а тоа е предизвик што со радост го очекувам“, додава Лора.

Нејзините дела не остануваат затворени само во рамките на македонската уметничка сцена. Интересот за нејзината работа постојано расте и во странство, а таа ја гради приказната за Македонија како земја со значително уметничко наследство. (Д. Т.)