Локализиран пожарот во кавадаречкиот старски дом

Во болницата во Кавадарци се пренесени околу 30 лица што во моментот биле во домот. Тие, како што изјави директорката на болницата, се во стабилна состојба и без повреди

Локализиран е пожарот што утринава изби во старскиот дом ,,Доктор Јанески” во кавадечкото село Чемерско.

„Пожарот што зафати дел од кровот на домот е локализиран. Сите корисници безбедно се евакуирани и однесени во Општата болница Кавадарци, каде што ќе останат неколку дена“,

соопштија од Домот.

Во болницата во Кавадарци се пренесени околу 30 лица што во моментот биле во домот. Тие, како што изјави директорката на болницата, се во стабилна состојба и без повреди.

„Сите штитеници на домот во Чемерско се сега за сега стабилни. Ќе бидат згрижени сè до нивно понатамошно транспортирање дали до фамилиите или до другите домови. Чекаме уште две пациентки, и тие се во стабилна состојба и ќе бидат под надзор од нашите вработени и од вработените во Домот за стари лица“,

изјави за МИА директорката на Општата болница Кавадарци.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, изјави дека лицата биле пренесени од домот со возила на Итната медицинска помош од Свети Николе, Велес, Кавадарци и Неготино, противпожарната единица Кавадарци и ОВР Кавадарци. Вели дека се реагирало брзо и соодветно зашто се работи за поризична категорија на граѓани.

- Реклама -