Љутков: Започнува изградбата на Универзалната сала

Љутков со задоволство ја објави успешната завршница на постапката за избор на изведувач за Универзалната сала. Државната комисија за жалби по јавни набавки ја отфрли како неоснована жалбата на економскиот оператор, со што го потврди изборот на најповолна понуда. Со овој чекор, вели Љутков, се надминува и последната правна пречка за отпочнување на градежните работи.

Проектот е планиран да се реализира по принципот „клуч на рака“, а реконструкцијата на Универзалната сала треба да заврши најдоцна до декември 2027 година.

„Ова е значаен проект во контекст на подготовките на Скопје за освојување на престижната титула Европска престолнина на културата 2028. Со новиот изглед на Универзалната сала, Скопје ќе добие современа, функционална и репрезентативна културна институција, која ќе биде место за највисоки театарски претстави, концерти, фестивали и важни културни настани. Ова е инвестиција во иднината на македонската култура, како и во нашите уметници, публиката и идните генерации“, истакна Љутков.

Прочитајте и:  Првиот крузер помина низ Ормускиот теснец на почетокот на војната.

„Целосно сум посветен на транспарентно, законито и ефикасно реализирање на сите капитални проекти кои го зајакнуваат културниот идентитет на нашата земја“, додаде тој на својот официјален профил на социјалната мрежа.