Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија вечерва, со почеток во 18:30 часот, ќе се одржи вечер посветена на творештвото на истакнатиот македонски поет и есеист, Славе Ѓорѓо Димоски. Овој настан се организира по повод две децении од основањето на Центарот.
За книжевниот опус и литературните вредности на Димоски ќе зборува проф. д-р Зоран Пејковски, директор на Македонскиот КИЦ во Софија.
Славе Ѓорѓо Димоски е автор на петнаесет поетски збирки, шест книги за деца и четири книги со есеи. Неговото творештво е преведено на дваесет јазици, а поединечни песни и поетски циклуси се објавени на над триесет и пет јазици низ целиот свет.
На бугарски јазик досега се објавени три негови книги: „Зборови и вода“, „Последните ракописи“ и „Јазичен триптихон“.
Димоски е носител на многубројни награди од домашни и меѓународни конкурси, меѓу кои се „Браќа Миладиновци“, „Ацо Шопов“, „Сергеј Есенин“, „Григор Прличев“, „23 Октомври“ и многу други.
Неговата поезија е застапена во сите значајни антологии на македонската поезија од 1982 година па натаму.




