Левица: Ќе го поништи ли Уставниот суд преименувањето на улицата „Втора македонска бригада” во „Адем Демачи”

„Уставниот суд денес ќе одлучува и по уште една Иницијатива поднесена од Левица со која оспоривме делови од Одлуката за определување и промена на имиња на улици и плоштади на подрачјето на Град Скопје, донесена од страна на Советот на Град Скопје во мандатот на Петре Шилегов“, соопштија денеска од Левица.

Како што посочуваат, се работи за Одлуката со која беа преименувани стотина улици во Скопје, меѓу кои и улиците „Втора македонска бригада“ која се преименуваше во „Адем Демачи“, улицата „Лазо Москов“ во „Ернест Колиќи“, улицата „Македонска Косовска Бригада“ во „Митхат Фрашери“ и улицата „191“ во „Сул Хотла“.

„Ако се земе предвид животното дело на овие личности по кои се преименувани улиците, јасно е дека станува збор за контроверзни личности кои немаат никаква историска нишка со македонскиот народ и македонската држава. Напротив, истите делувале против унитарноста, интегритетот и суверенитетот на македонската држава“, велат од Левица.

„Согласно позитивните законски норми во Република Македонија, не може да се определи име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект со кое се нарушува угледот на Република Македонија, се навредуваат националните чувства на граѓаните на Република Македонија и на граѓаните на други држави или да се нарушуваат односите меѓу заедниците, обичаите и јавниот морал.

Со преименувањето на овие улици, по имиња на балисти и фашисти, директно се повредуваат чуствата на македонскиот народ и се предизвикува етничка и верска нетрпеливост. Поради тоа, сметаме дека Уставниот суд треба да постапи по Иницијативата на Левица и да ја поништи оспорената одлука!“, порачаа од партијата.

- Реклама -