Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска изјави дека Русија остро се спротивставува на мешањето на западните земји во внатрешните политички случувања во Србија.
На заедничката прес-конференција со српскиот министер за надворешни работи, Марко Ѓуриќ, која се одржа во Москва, Лавров нагласи дека Русија цврсто стои зад српските власти и претседателот Александар Вучиќ во нивните настојувања да ја зачуваат стабилноста на земјата.
Тој потенцираше дека ваквите обиди за надворешно влијание мора да престанат.
„Претседателот Вучиќ ни изнесе конкретни докази за неприфатливо мешање на странски фактори во внатрешните случувања на Србија. Ваквите постапки ги осудуваме без двоумење и се залагаме за доследно почитување на принципот на немешање во внатрешните работи на суверените држави. Особено е важно западните земји, кои веќе подолг период своите интереси ги спроведуваат преку разни невладини организации и фондови, да престанат со овие методи. Често ова се прави во согласност со американски стратегии, па дури и со државни директиви, со цел да се наметне поголемо влијание, без да се води сметка за вистинските интереси на народот во тие земји,“ истакна Лавров.
Дополнително, Лавров изрази задоволство од средбата со министерот Ѓуриќ, нагласувајќи дека разговорите биле конструктивни и корисни.




