Со силна енергија и весела атмосфера, Општина Кисела Вода синоќа го свечениот старт на овогодишното Културно лето. Под слоганот „Кисела Вода – најстарата скопска приказна, 71 година културен печат на градот“, отворањето во Драчево прикажа како се слави 71-от роденден на општината.
Настанот започна со тропот на македонскиот фолклор благодарение на забележителниот настап на КУД „Китка“. Потоа, Андријана Петрушовска воодушеви со својот концерт, а култната „Љубојна“, со поддршка од талентирани ученици предводени од Вера Милошевска Јосифовска, понуди вистинско музичко уживање. За завршницата на првата фестивалска вечер се погрижи минатогодишниот победник на „Ѕвездите на Гранд“, Никола Станишиќ.
Културното лето продолжува и денес. Од 18 часот, Здружението на пензионери во паркот Шопен организира Коријада, при што сите собрани средства од продажбата на нивните печива ќе бидат наменети за хуманитарни цели. Во рамките на овој настан ќе се одржи и хуманитарна изложба на ракотворби изработени од деца со посебни образовни потреби. Музичкиот сегмент на програмата ќе биде збогатен со настапите на фолклорната група „Пензионерски бисери“ и хорот на Вања Лазарова.
Вечерва, Општина Кисела Вода ги поканува сите во паркот Расадник, пред новоотворената сала, каде од 20 часот ќе започне богата музичка програма со истакнати домашни изведувачи.
Агендата почнува во 20:00 часот со настапот на ДЈ Марио Трампет. Во 21:00 часот, пред публиката ќе настапи познатиот Влатко Миладиновски. Од 22:00 часот на сцената ќе се качи една од нашите најголеми и најбарани поп ѕвезди, Лозано, а вечерта ќе ја заокружи Таско, еден од најактуелните артисти на новата урбана сцена.
Викенд програмата продолжува утре, недела, 28 јуни, од 10:00 часот, кога во паркот Македонија ќе се одржи манифестацијата „Семеен ден“. Настанот ќе понуди интересна интерактивна содржина за децата и нивните семејства. Предвидени се настапи на учесниците од првиот детски фестивал „Киселко“, танцувачкото училиште „Данса Латина Стефи“, како и настапи на дечињата од општинските детски градинки. Општина Кисела Вода подготвила и низа дополнителни активности за забавата на сите деца, вклучувајќи замок на надувување, фото-кабина, креативни работилници, како и дружење со аниматори и омилените маскоти.
За завршница на оваа исполнета недела, вечерната забава во недела е закажана повторно во паркот Расадник. Со почеток во 20:00 часот, музичката програма ќе ја отворат локални млади бендови, a потоа ДЈ Марио Трампет и ДЈ Доријан, по што атмосферата ќе ја разгорат популарното дуо 2Bona и балканската музичка ѕвезда Voyage.




