„Овој буџет не е насочен кон развој. Дури 90% од средствата се предвидени за тековни расходи, а само 9,7% за капитални инвестиции. Има и помалку од тоа, бидејќи во капиталните инвестиции е вклучена и НАТО, што не може да се смета за вистинска економска вредност“ – истакна пратеникот Крмов на денешната седница.
Тој дополнително нагласи дека секој трети денар во овој буџет е планиран од задолжување. „31% од средствата во буџетот се обезбедени преку задолжување. Тоа значи дека секој трет денар е од странски извори. Годишно враќаме над 1.6 милијарди долгови. А уште ако ги додадете на пензискиот фонд од 2,4 милијарди евра, фактички имаме половина од буџетот која се состои од долгови и пензии.“
Крмов нагласи дека „Согласно тоа како се трошела милијарда од Унгарија, сега ќе видиме како ќе се управуваат 6 милијарди од Британија“ и побара од властите јавно да ги објават компаниите кои ги добиле средствата од кредитите што народот ќе ги плаќа, но тие одлучиле да го сокријат нивниот идентитет.
„На пример, 250 милиони отидоа во приватниот сектор, а денес се крие кој се тие компании. Левица упати барање до Министерството да ги објават, но добивме одговор дека ‘тоа би го нарушило интересот на фирмите.’ Тоа значи дека приватниот интерес на фирмите е поважен од јавниот интерес, што создава сомнеж дека тие средства завршиле кај компании блиски до ДПМНЕ.“
На крај, пратеникот од Левица заклучи дека буџетот за 2026 година, кој го предлага власта, е потрошувачки и предвидува само околу десет проценти за капитални инвестиции, за чие реализирање постојат сомнежи.




