Новиот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, кој моментално е пратеник во македонското Собрание, вечерва се појави во емисијата „Тема на денот“ на телевизија Сител. Тој ги демантираше лажните информации и манипулациите кои се распространуваат во јавноста од страна на опозицијата, особено од СДС, која ја оцени како партија во распад. Ковачки истакна дека поседува највисокиот национален безбедносен сертификат, кој е државна тајна и е издаден за време на власта на СДС и ДУИ.
„Во однос на НАТО сертификатот, цело време потврдувам дека го имам домашниот, односно националниот безбедносен сертификат. Ова е сертификат за државна тајна, издаден за време на СДС и ДУИ, а не под ВМРО-ДПМНЕ. Тоа значи дека ова е највисокиот степен на безбедност во државата“, појасни Ковачки.
Тој дополни дека поседува и највисок НАТО сертификат и дека ја предводи македонската делегација на седниците на НАТО парламентарното собрание, каде учествува и на затворени седници.
„Имам и највисок НАТО сертификат и учествувам на затворени седници на НАТО парламентарното собрание, каде што ја предводам македонската делегација. Овие лажни информации штетат не само на партијата, туку и на Македонија. Треба да престанат со ваквите напади, бидејќи ако сакаат да бидат одговорна и државотворна партија, мора да се фокусираат на креирање политики кои одговараат на нивното портфолио“, беше дециден Ковачки.




