Зградата на Собранието на Косово денеска беше евакуирана по наредба на обезбедувањето, непосредно пред почетокот на 42-то продолжение на конститутивната седница.
Пратениците присутни во салата веднаш се повлекоа од парламентот, додека новинарите, кои требаше да ја следат седницата, беа замолени да ја напуштат зградата.
Според поранешниот претседател на парламентот Гљаук Коњуфца, обезбедувањето добило телефонска закана и со тоа постапувало во согласност со прописите за безбедност.
На денешното продолжение, Собранието на Косово требаше повторно да се обиде да избере претседател на законодавниот дом, откако сите претходни обиди завршија без успех, иако веќе поминаа пет месеци од одржувањето на парламентарните избори и три месеци од конституирањето на новиот парламентарен состав.