Американскиот претседател Доналд Трамп денеска работи на завршното усвојување на обемен закон за даноци и буџетска потрошувачка, во кој републиканците гледаат можност за своето политичко наследство.
Овој закон, кој Трамп го нарекува „голем и прекрасен“, вчера помина во Сенатот со тесно мнозинство, по 27-часовна расправа. Клучниот глас го даде потпретседателот Џеј Ди Венс, кој одлучува во случај на изедначување. Иако е одобрен во Сенатот, законот повторно мора да се врати во Претставничкиот дом за финално усвојување.
Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, изјави дека овој предлог-закон е клучен за политичката агенда на Трамп и нагласи дека републиканците се решени да го донесат до крај.
Предлогот предвидува продолжување и трајно воведување на даночни олеснувања за физички и правни лица, како и нови привремени мерки кои Трамп ги вети за време на предизборната кампања. Некои од овие мерки вклучуваат можноста работниците да одбиваат бакшиши и прекувремена работа од даночната основа, како и ново даночно одбивање од 6.000 долари за поголемиот дел од постарите граѓани.
Во целина, предлог-законот предвидува даночни намалувања во вредност од околу 4.500 милијарди долари во следните десет години. Исто така, се планираат околу 350 милијарди долари за одбрана и за спроведување на строгата имиграциска политика на Трамп.
Републиканците делумно го финансираат ова со кратења во програмите за здравствена заштита (Medicaid) и помош за храна. Според проценките на Конгресната буџетска канцеларија, законот може да го зголеми федералниот дефицит за околу 3.300 милијарди долари во наредната деценија.
Фискално настроените републиканци се незадоволни, бидејќи очекувале уште построги кратења. Џонсон има ограничен маневарски простор – може да загуби најмногу тројца пратеници од оние кои размислуваат да гласаат против.
Некои од републиканците се повлекоа, загрижени од растот на јавниот долг, кој надминува 37.000 милијарди долари, и од кратењата во здравството. Според проценки, 17 милиони Американци би можеле да останат без здравствено осигурување, а многу сиромашни ќе останат без купони за храна. Ова може да доведе до затворање на болници во посиромашните региони.
Трамп, преку својата платформа Трут Соушл, ги повика републиканците во Конгресот да ја „завршат работата“, апелирајќи за единство и игнорирање на оние кои се противат.
Демократите веќе најавија дека законот ќе биде фокус на нивната кампања за изборите во Конгресот во 2026 година, нарекувајќи го „одвратна прераспределба на богатството од сиромашните кон богатите“.
Лидерот на демократското малцинство, Хаким Џефрис, порача: „Републиканците во Сенатот треба да се срамат за усвојувањето на оваа грозотија“. Тој дополнително нагласи дека и оние во Претставничкиот дом, кои му попуштаат на екстремниот план на Доналд Трамп, исто така, треба да се срамат.