Повeќе од 120 стручњаци се собраа минатата сабота на PM2, динамична и инспиративна конференција организирана од Women in Tech Macedonia и ProdACT. Овој настан се фокусираше на иновации во управувањето со продукти, примена на агилни методи, управување со промени, интеграција на вештачка интелигенција, и улогата на човекот во дигиталната трансформација. Настанот започна со топло добредојде од организаторите и модераторот Дукица Павловиќ, која успешно го постави тонот за ден исполнет со вмрежување, размена на искуства и длабоки разговори.
Конференцијата се одликуваше со значајни говори од истакнати имиња како Игор Китановски, Олгица Стрезоска, Деспина Жупан Лазарески, Бојан Вељановски, Силвија Гелевска и Ирена Павловска Кривошеева. Тие, со долгогодишно искуство во управување со проекти и продукти, ги споделија своите методологии, пристапи и нови начини на размислување потребни за успешно управување со комплексни проекти.
Игор Китановски подели примери од својата кариера, истакнувајќи ја важноста на ефикасната комуникација и управувањето со промените при усогласување на техничките и продуктните стратегии. Тој напомена дека вистинската трансформација започнува од ресетирање на очекувањата и воспоставување функционална комуникација.
Деспина Жупан Лазарески го презентираше концептот на „Троен предизвик“: вештачка интелигенција, агилност и усогласеност со регулативи, воведувајќи специјализиран canvas-модел кој помага во усогласување на овие елементи. Од друга страна, Силвија Гелевска акцентираше на значењето на методолошкиот пристап и важноста на правилниот mindset во процесот на управување со промени.
Бојан Вељановски дискутираше за техничките претпоставки и процеси на испитување и адаптација, нагласувајќи ја потребата за правилно приоритизирање и тимска адаптација. Истовремено, Олгица Стрезоска го потенцираше значењето на човечкиот аспект во продукт менаџментот, истакнувајќи ја важноста на емпатијата и разбирањето на потребите на корисниците.
Во завршницата, Ирена Павловска Кривошеева дискутираше за менталната и организациската агилност, каде што објасни како трансформацијата започнува на индивидуално ниво и прераснува кон внатрешни промени во организацијата. Според неа, успешната трансформација зависи од усогласување на стратегијата и вештачката интелигенција со човечката емпатија.
Конференцијата беше завршена со панел-дискусија, каде учесници одговараа на прашања и споделуваа практични совети за примената на стекнатото знаење. Партнери и спонзори, како Valtech, CrazyLabs и други, ја подржаа конференцијата, истакнувајќи ја важноста на создавање инклузивна околина за иновации и квалитет.
Women in Tech Macedonia и ProdACT остануваат посветени на поттикнување на соработката меѓу технолошките експерти, продукт професионали и организациски лидери во Македонија. Оваа конференција го демонстрира потенцијалот на вистинската трансформација кога се соедини стратегијата со емпатијата и трудот.