Колемишевски: Со мерката „Мој ДДВ“ за само две тримесечија кај граѓаните вративме близу 6.9 милиони евра

„Реализација на мерката Мој ДДВ, преку која 15% од данокот на додадена вредност кој го плаќаат граѓаните, се враќа назад во нивниот буџет, дава одлични резултати. За само две тримесечја, преку оваа мерка граѓаните остварија поврат на близу 6,9 милиони евра“, соопшти денеска Кирил Колемишевски, претседател на Комисија за економија на СДСМ.

‘Веќе следниот месец, односно во февруари 2020 година, започнува исплатата на 3,7 милиони евра назад кон граѓаните за поврат на ДДВ за месеците октомври, ноември и декември. Претходно, за првото тромесечје беа исплатени над 3 милиони евра за првиот квартал односно за месеците јули, август и септември.

Оваа мерка, освен што обезбедува дополнителен приход во семејствата, значително влијае и врз намалување на даночната евазија и зајакнување на даночната дисциплина. Во периодот од јули до ноември минатата година, просечно месечно скенирани се по осум милиони фискални сметки. Сега, само во декември 2019 година, скенирани се 12,5 милиони фискални сметки, односно постои раст од над 53 проценти.“, изјави Колемишевски.

- Реклама -