На 66. издание на „Охридско лето“, вчеравечер публиката имаше можност да ја проследи театарската претстава „Која е Лорет“, автор на Флоранс Кадије, во режија на Драгана Милошевски-Попова, изведена од Театарот за деца и младинци-Скопје.
Главниот акцент на приказната е девојчето Лорет, кое има Даунов синдром, а не е дефинирано само преку една карактеристика, туку преку сите различни улоги што ги игра. Директорката на НУ Театар за деца и младинци-Скопје, Фросина Карловицс, изјави дека претставата поттикнува младите да погледнат подалеку од првиот впечаток и навистина да го видат другото лице во неговата комплексност.
„Која е Лорет“ ги повикува младите да размислуваат за тоа на кој начин го создаваат својот иденитет, како и за тоа како ги перцепираат другите. Лорет не е само едно, туку е ќерка, сестра, ученица, пријателка, актерка, режисерка и сликарка – таа е дете кое копнее да биде забележано, прифатено и сакано, како и секое друго дете. Претставата носи порака дека човекот не може да се сведе на етикета; дека различноста не треба само декларативно да се прифаќа, туку реално да се разбира и живее, истакнува Карловицс.
Маестралната изведба на „Која е Лорет“ е дел од талентираните актери Ана Левајковиќ Бошков, Мики Анчевски, Винета Дамческа Мојаноска, Петар Стојанов, Анастасија Ласовска и Вања Стојановиќ.
„Исклучително сум задоволна и горда на актерскиот ансамбл на Театарот за деца и младинци. Овде се работи за професионалци со значително искуство и широк спектар на сценски израз, како и уникатна способност да комуницираат искрено со различни генерации публика. Во ‘Која е Лорет’ тие покажаа посебна чувствителност, дисциплина и мерка, бидејќи ваквите теми не дозволуваат ни површност ни патетика. Нивната посветеност не се одразува само во индивидуалните улоги, туку и во начинот на кој функционираат како ансамбл. Токму таа доверба и заедничка одговорност се едни од најголемите сили на нашиот театар“, појаснува Карловицс.

Драматизацијата на претставата ја изработи Милена Деполо, сценографијата и костимографијата се под подготвеност на Ирина Сомборац, а музиката ја компонира Сашко Костов.
Театарот за деца и младинци-Скопје е единствена установа специјализирана за програма насочена кон деца и млади. Негова е клучната улога во уметничкото и културното образование на младата генерација.
„Нашата задача е да им овозможиме на младите простор во кој ќе учат да размислуваат самостојно, да препознаваат вредности и да развиваат одговорност не само кон себе, туку и кон другите. Во времето кога се соочуваат со брзи, фрагментирани и често агресивни содржини, театарот им нуди сосема ново искуство: контакт, концентрација, емпатија и средба со различни перспективи“, додава Карловицс.
Репертоарот на Театарот за деца и младинци е разновиден и се составува според возраста, интересите и развојните потреби на публиката, но и според уметничката вредност на проектите. Тој опфаќа класични бајки и дела од детската литература интерпретирани низ современ сценски јазик, авторски претстави кои се занимаваат со актуелни општествени и семејни теми, како и куклени, музички, интерактивни и младински продукции.





