Научниците утврдиле дека пожарите што последните два дена беснеат во Лос Анџелес се резултат на силните ветрови и претставуваат уште еден пример за климатски екстреми кои се очекува да се зголемуваат со порастот на глобалните температури.
Пожарите во Калифорнија, кои избија надвор од традиционалната сезона, се оценети како историски поради брзината со која се проширија и бројот на уништени објекти. Според агенцијата „Ројтерс“, оваа појава се случува сè почесто, бидејќи подолгите периоди на суша и променливото време создаваат идеални услови за катастрофи.
Клучни фактори што довеле до пожарите:
Ветрови Санта Ана и „планински бран“
Лос Анџелес е познат по сувите и силни ветрови Санта Ана, кои дуваат од внатрешноста кон брегот. Овојпат, ситуацијата е дополнително влошена од „планински бран“ – феномен каде ветровите добиваат дополнителна јачина кога ќе преминат преку планинските венци. Оваа појава создаде услови за брзо ширење на пожарите.
Слични услови биле забележани во 2021 година за време на пожарот Маршал во Колорадо, кој уништи илјадници домови поради ветрови со брзина од 185 км/ч.
Сува вегетација
Националната метеоролошка служба предупреди дека сувата вегетација, како грмушки, палми и трева, делува како „гориво“ за огнот. Зголемените температури во Калифорнија – пораст од 1°C од 1980 година – го удвостручија бројот на денови кога растенијата се погодни за запалување.
Линдон Пронто, експерт за управување со пожари, нагласува дека ова доведува до поекстремни пожари, дури и во невообичаени периоди од годината, како декември и јануари.
Запаливи урбани структури
Покрај природната вегетација, урбаниот пејзаж на Лос Анџелес придонесува за ширењето на пожарите. Вклучува материјали како дрвени куќи, кабли за напојување и телефонски столбови, кои лесно го хранат огнот. Слична ситуација беше забележана и за време на пожарот во историскиот град Лахаи на Хаваите во 2023 година.
Последици и ризици
Научниците предупредуваат дека пожарите предизвикуваат дополнителни ризици, како одрони на земјиште по уништувањето на вегетацијата и експлозии од запаливи материјали во оштетените домови.
Овие настани ја истакнуваат итноста за справување со климатските промени, кои сè почесто водат до уништувачки природни катастрофи.