Акција во Прилеп против недозволена трговија со оружје
ОВР Прилеп, во координација и содејство со Одделот за криминалистичка полиција – Единица за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал, открија и документираа случај на недозволена трговија со оружје поврзан со стрелачки клуб од Прилеп.
На 06.05.2026 до Основното јавно обвинителство – Прилеп е поднесена кривична пријава против управителот К.Ч. (43) од Прилеп, против ракувачот со оружје Т.Д. (73) од Прилеп, како и против самиот стрелачки клуб. Пријавата е заради основано сомнение за кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по член 396 од Кривичниот законик.
Во периодот од 26.01.2026 до 29.01.2026, по наредба на јавен обвинител, бил извршен увид во просториите на клубот. Притоа биле пронајдени пет малокалибарски пушки без соодветни дозволи. Дополнително, било утврдено дека управителот, заедно со ракувачот со оружје, како членови на управниот одбор, продавале огнено оружје во сопственост на клубот на лица што не поседувале дозволи за поседување огнено оружје.
Како резултат на преземените мерки, на 06.05.2026 ОВР Прилеп, во соработка со наведените организациски единици и со Одделот за граѓански работи, од стрелачкиот клуб одзеде околу 70 малокалибарски пушки и 10 малокалибарски пиштоли, како и поголема количина пневматско оружје. Предметите се привремено одземени со цел поведување управна постапка пред надлежниот орган.




