Клиниката „Жан Митрев“ е обоена во виолетова боја по повод Светскиот ден на предвремено родени бебиња.

Оваа година одбележувањето на Светскиот ден на предвремено родени бебиња се одвива под мотото „Силни почетоци за надежна иднина“, порачувајќи ни за важноста на обезбедување квалитетна неонатална грижа уште од првите мигови по раѓањето. Целта е да се осигура дека секое предвремено родено бебе ќе има здрав старт, услови за правилен раст и иднина полна со можности.

Предвременото родено бебе е глобален здравствен предизвик, со фактот дека едно од десет новороденчиња доаѓа на свет пред 37-та гестациска недела. Последиците од тоа можат да бидат сериозни и долготрајни, особено за развојот на мозокот, белите дробови и видот. Затоа, овој ден е посветен на подигнување на свесноста за овие предизвици, промовирање на мерки за превенција и унапредување на пристапот до современа и семејно ориентирана нега за новороденчиња.

Овој ден обединува различни институции, здравствени работници, родители и заедници ширум светот во повик за подобри политики, обезбедување континуиран пристап на родителите во неонаталните интензивни единици и создавање услови во кои секое бебе може успешно да напредува и расте.

Во Центарот за мајка и бебе, опремен со современа технологија и високо обучен персонал, како и во Одделот за неонатална интензивна нега, кој се грижи за предвремено родени и ризични новороденчиња, досега се родени повеќе од 170 бебиња, како природно, така и со царски рез, од кои 20 пред наполнета 37 недела. Центарот нуди целосна грижа пред, за време и по породувањето, обезбедувајќи сигурност и поддршка за секоја трудница и новороденче.

И годинава, клиниката „Жан Митрев“ во текот на ноември спроведува активности насочени кон поддршка на семејствата и промовирање на раната нега и едукација, дополнително осветлувајќи ја важноста на оваа тема.

Со заедничка посветеност и континуирана грижа, можеме да создадеме силни почетоци за бебињата родени пред време, почетоци што во следните години ќе водат кон надежна и сигурна иднина.