Кина воведе најстрога мерка против корупцијата: Извршен погуб на поранешниот директор на „Хуаронг“

Кина продолжува со својата строгата политика против корупцијата, а најновиот случај е погубувањето на поранешниот генерален директор на државната финансиска корпорација „Хуаронг“, Бај Тјенхуи, во Тјенџин. Според информации од државната агенција „Синхуа“, смртната казна е извршена откако Врховниот народен суд ја потврдил пресудата за примање мито во вредност над 156 милиони долари.

Судските наоди покажуваат дека во периодот од 2014 до 2018 година, Бај користел својот службен статус за да обезбеди пристап на одредени компании до државни средства и поволни договори, во замена за пари и подароци. Првично осуден во мај 2024 година, тој добил казна која вклучувала конфискација на целиот имот и трајно одземање на политичките права. Неговата жалба била одбиена во февруари 2025 година, по што следела конечната потврда од Врховниот суд. „Синхуа“ пренесува дека Бај имал можност да се сретне со семејството непосредно пред извршувањето на казната.

Овој случај е дел од пошироката стратегија на Пекинг во борбата против корупцијата, која во последната деценија резултираше со низа строги пресуди во финансискиот сектор. Во 2021 година, погубен беше и Лаи Сјаомин, поранешен претседател на компанијата „Хуаронг“, што во тоа време предизвика големо внимание на меѓународната сцена. Западните медиуми оценуваат дека Кина сè почесто ја применува смртната казна како средство за демонстрација на морална строгост и политичка контрола во клучните економски сектори. Организациите за човекови права, пак, остануваат критични, укажувајќи на фактот дека земјата не објавува официјални податоци за бројот на погубувања.