Пораката преку заедничко соопштение ја испратија шефовите на дипломатиите на Франција, Германија, Полска, Шпанија, Италија и Велика Британија кои се состанаа во Париз по телефонскиот разговор меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, кои се согласија „веднаш“ да започнат непосредни преговори за Украина
Министрите за надворешни работи на неколку земји-членки на Европската Унија денеска во Париз одржаа состанок на кој ја потврдија својата поддршка за Украина и испратија порака дека не може да има траен и праведен мир во земјата без учество на Киев и Европејците во какви било преговори.


На состанокот, кој доаѓа во момент кога претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин се согласија на „непосредни“ преговори за Украина, присуствуваа шефовите на дипломатиите на Франција, Германија, Полска, Шпанија, Италија и Велика Британија, како и претставници на Европската служба за надворешни работи и на Европската комисија.
По средбата тие објавија заедничко соопштение во кое велат дека се подготвени да ја зголемата поддршката за Украина, како и дека се обврзуваат на зачувување на нејзината независност, суверенитет и територијален интегритет во однос на руската агресија.
„Ја споделуваме целта да продолжиме да ја поддржуваме Украина додека не се постигне праведен, сеопфатен и траен мир. Мир кој ги гарантира интересите на Украина, како и нашите сопствени. Со нетрпение очекуваме да разговараме за патот напред заедно со нашите американски сојузници. Нашите заеднички цели треба да бидат да ја ставиме Украина во силна позиција. Украина и Европа мора да бидат дел од какви било преговори. На Украина треба да ѝ се обезбедат силни безбедносни гаранции. Праведен и траен мир во Украина е неопходен услов за силна трансатлантска безбедност. Потсетуваме дека безбедноста на европскиот континент е наша заедничка одговорност. Затоа, работиме заедно на зајакнување на нашите колективни одбранбени способности“,
се вели во соопштението по состанокот.
Полскиот министер за надворешни работи, Радослав Шикорски изјави дека Полска ќе продолжи непоколебливо да ја поддржува Украина и најави засилување на санкциите кон Москва пред потенцијалните мировни преговори.
Министерот за надворешни работи на Франција, Жан-Ноел Баро, изјави дека не може да има праведен и траен мир во Украина без учество на Европејците, додека неговите колеги, германската министерка Аналена Бербок и шпанскиот министер Хозе Мануел Албарес Буено, истакнаа дека „ниту една одлука за Украина не може да биде донесена без Украина“.
„Станува збор за суверена земја со демократски избрана влада. Дополнително, ништо што влијае на европската безбедност, а руската агресија директно ја загрозува европската безбедност, не може да се реши без Европа“,
рече Албарес Буено.
Шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок повтори дека „нема одлука за Украина без Украина“ и нагласи дека Европа мора да остане обединета.
Состанокот во Париз се одржа по телефонскиот разговор меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, кој траел повеќе од еден час.
Двајцата претседатели, како што соопшти Трамп се согласиле „веднаш“ да започнат преговори за завршување на конфликтот во Украина. Непосредно по разговорот со Путин, Трамп имаше разговор и со украинскиот претседател Володомир Зеленски.