Кичево прогласен за Град на културата за 2026 година – Вечер… 1963

– Денес го одбележуваме почетокот на културната иницијатива на Кичево како Град на културата за 2026 година. Оваа титула не е само формалност, туку и признавање на културната зрелост, упорноста и креативната енергија што градот ја носи со децении, изјави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на свеченоста која се одржа во салата на советот на општина Кичево во согласност со манифестацијата „Кичево – Град на културата за 2026“.

Тој дополни дека за реализација на активностите во рамките на манифестацијата, Министерството за култура и туризам обезбедило четири милиони денари, што ќе овозможи квалитетна и разнолика програма, која целосно ќе го истакне културниот потенцијал на Кичево. До крајот на годината, градот ќе организира повеќе од 150 настани, вклучувајќи концерти, театрални претстави и изложби на локални и реномирани уметници.

Панорама на Кичево

– Во текот на 2026 година, Кичево ќе стане целогодишна културна сцена, која соодветно ќе ги открие богатството на културното и историското наследство, мултикултурната традиција и живата современа креативна енергија. Градот ќе понуди разnolика програма, исполнета со фестивали на традиционална и современа музика, театарски изведби и гостувања, изложби, мултимедијални проекти, книжевни настани и поетски читања, филмски вечери и едукативни работилници. Ќе бидат реализирани и содржини кои ги негуваат фолклорот и духовното наследство, како и иницијативи што ја поврзуваат културата со туризмот, создавајќи автентично искуство за сите посетители, истакна министерот, додавајќи дека целта е програмата да биде современа, динамична и отворена за сите генерации, обединувајќи ја заедницата околу заедничките културни вредности.

Прочитајте и:  Маѓар: Илјадници жалби за изборни неправилности, ќе има правни дејствија

Градоначалникот на Општина Кичево, Александар Јовановски, истакна дека ова признание ја носи титулата, чест и одговорност.

– Ова е признание за нашето богато културно наследство, за традицијата која со векови се пренесува од генерација на генерација, и за современата креативна енергија која денес пулсира во секој агол на нашето Кичево. Кичево отсекогаш било раскрсница на култури, јазици и традиции. Град во кој различностите не разделуваат, туку збогатуваат. Град во кој песната, играта, театарот, литературата и уметноста се дел од секојдневието. Со гордост можеме да кажеме дека Кичево е чувар на минатото и создател на иднината, рече Јовановски.