Кичево од денес е прогласено за Град на културата за 2026 година; Четири милиони денари за истакнување на културниот потенцијал на градот.

– Во текот на 2026 година, Кичево ќе стане динамична културна сцена, која ќе го открие своето богатство од традиции и историја, плурализам и современ креативен дух. Градот ќе понуди разновидна програма, исполнета со фестивали на традиционална и современа музика, театарски настапи и изложби, мултимедијални проекти, книжевни настани, поетски читања, филмски вечери, како и едукативни работилници. Ќе се промовираат активности кои го негуваат фолклорот и духовното наследство, како и иницијативи за поврзување на културата со туризмот, создавајќи автентично и препознатливо искуство за сите посетители – изјави министерот Зоран Љутков на свеченоста во салата на Советот на Општина Кичево, во чест на започнувањето на манифестацијата „Кичево – град на културата за 2026“.

– Денес го потврдуваме почетокот на културната мисија на Кичево како град на културата за 2026 година. Оваа титула не е само симбол, туку и признание за културната зрелост и креативната енергија што Кичево ја носи со години. Овде традицијата и современоста се спојуваат во единствена целина, а културата е секојдневен дел од животот на заедницата – истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на свеченоста во Кичево.

Тој додаде дека Министерството за култура и туризам обезбедува четири милиони денари за реализација на програмските активности, што ќе понуди квалитетна и разновидна понуда, која комплетно ќе го истакне културниот потенцијал на градот. Во претходните години, градовите опфаќани во проектот „Град на културата“ добиваа средства од 1, 2 или 3 милиони денари.

Како што нагласи Љутков, Кичево ќе понуди целогодишна културна програма во 2026 година, која ќе исполни бројни настани. Програмите ќе вклучуваат различни аспекти на културното наследство и современите уметнички изрази, а целта е воедно да се создаде современа и иновативна понуда, отворена за сите генерации и да ја обедини заедницата околу значајните културни вредности.

Прочитајте и:  Три пролетни цветови што се традиционално внесуваат во домот за Велигден: лале, крин и ѓурѓевак.

Тој истакна и важноста на создавањето нови партнерства, отворање на културните институции за младите и креирање на културни содржини кои ќе оставаат трајни вредности.

– Нека 2026 годината биде година на културна афирмација, година во која Кичево ќе биде препознаено како центар на креативността и модерната мисла. Културата е инспиративна сила која гради пат кон иднината. Нека оваа година биде сведоштво дека Кичево знае како да негува и развива културен дух – рече Љутков, изразувајќи благодарност до градоначалникот Александар Јовановски, целиот тим и институциите, уметниците и граѓаните кои придонеле Кичево да биде прогласено за град на културата за 2026.

Градоначалникот на Општина Кичево, Александар Јовановски, ја прогласи манифестацијата „Кичево – град на културата за 2026 година“ за отворена.

– Оваа титула е не само признание, туку и обврска. Таа е симбол на нашето богато културно наследство и традицијата што се пренесува низ вековите. Кичево е културна раскрсница, град во кој различностите не не разделуваат, туку не збогатуваат. Град каде уметноста е дел од секојдневието. Со гордост можеме да кажеме дека Кичево е чувар на минатото и создател на иднината – рече Јовановски.

Тој нагласи дека оваа титула им припаѓа на сите: на културните институции, уметниците, ентузијастите, образовните установи, медиумите и, пред сè, на граѓаните на Кичево.

– Да ја искористиме оваа година како можност да покажеме најдоброто од нас. Да ја прикажеме нашата срце и душа. Да покажеме дека Кичево знае да создава и да негува култура. Со заедничка работа, веруваме дека ќе создадеме програма која Кичево ќе го позиционира како препознатлива културна дестинација во државата и пошироко – додаде Јовановски.

Културните проекти ќе започнат на 3 март и ќе траат до 31 декември, завршувајќи со прослава на новогодишната ноќ.