„Кавалерија Рустикана“ вечерва на сцената на Националната опера и балет

Ова оперско дело е едно од најзначајните остварувања на италијанскиот композитор Маскањи и останува меѓу најчесто изведуваните наслови во светот, но и на нашата оперска сцена. Станува збор за длабока приказна за љубовта, љубомората и одмаздата.

„Под палката на диригентот Иван Еминовиќ, во режија на Џандоменико Вакари од Италија, со сценографија на Зоран Николовски и костими на Елена Дончева, овој спектакл ќе се одржи во 19:30 часот на големата сцена на Националната опера и балет. Очекувајте интензивни емоции и славниот ‘Интермецо’,“ информираа од НОБ.

Во солистичката екипа настапуваат: Благица Поп Томова во улогата на Сантуца, Зоран Сотиров како Туриду, Ристе Велков во улогата на Алфио, Александра Лазаровска Василевски како Лола и Марика Поповиќ во улогата на мајка Лучија, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

„Кавалерија рустикана“ е оперски бисер што сочета човечки страсти и неизбежна судбина, претставувајќи ги со непосредна драматичност и силна музичка моќ, оставајќи длабок впечаток кај публиката уште од својата премиера до денес, велат од НОБ по повод претстојната изведба на оваа опера.