„Ние сме подготвени да разговараме за еден пакет на уставни измени, каде што наместо наследството од претходниот систем ќе се рефлектира сегашното ориентирање на државата кон Европската Унија“, изјави денеска градоначалникот на Тетово, откако во власта повторно го актуализира прашањето за промена на државниот грб
Градоначалникот на Тетово и претседател на Движењето Беса кое е дел од коалицијата „Вреди“, Билал Касами, денеска изјави дека поддржува секакви промени на Уставот, кои, како што вели, предвидуваат менување на државните симболи поврзани со минатиот општествено-политички систем.


Премиерот Христијан Мицкоски вчера потврди дека партиите од владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ го отвориле прашање за промена на државниот грб, а според Касами тие како партија се подготвени да разговараат за пакет уставни измени, кои освен грбот ќе вклучат и промена на химната, како и формулацијата „јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните“.
Според тетовскиот градоначалник, со овие уставни промени би се рефлектирала сегашната реалност на државата.
„Ние сме подготвени да разговараме за еден пакет на уставни измени, каде што наместо наследството од претходниот систем ќе се рефлектира сегашното ориентирање на државата кон Европската Унија. Ние сме подготвени да разговараме за предлог-пакет каде што секако ќе се разгледува амблемот (државниот грб), прашањето за химната, но и прашањето за други уставни измени поврзани со унапредувањето на правата на Албанците или прашањето за несоодветното дефинирање на албанскиот јазик во Уставот, како јазик што го зборуваат 20 отсто од граѓаните“,
изјави Касами одговарајќи на новинарски прашања по промовирањето на спортска опрема во средно училиште во градот.
Враќањето на промената на државниот грб во јавниот и политичкиот дискурс, Касами ја поврзува со неговата иницијатива за промена на имињата на улици во Тетово, што, според него, се наследство од минатиот систем.
„Јас впрочем во еден претходен мој јавен настап сум кажал дека и една од целите за именување на улиците во градот Тетово беше тоа што уште стои наследството од минатиот систем, што е и образложението на премиерот во делот на менување на грбот на државата“,
изјави градоначалникот на Тетово.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера информирајќи дека во владејачката коалиција го отвориле прашањето за промена на државниот грб, рече дека ние сме една од двете постсоцијалистички држави што сè уште го имаат стариот државен грб, со некои мали модификации.
Коментирајќи на темата, лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, на денешната прес-конференција рече дека доколку има иницијатива за промена на државниот грб, тие најостро ќе се спротивстават.
„Сметаме дека државниот грб, сосема соодветно, прво хералдиски ги отсликува сите карактеристики на ова поднебје. Јасен е континуитетот и придобивките од Народноослободителната и антифашистичка војна, а нема никаква поделба во однос на етничките групи“,
рече лидерот на СДСМ.
Според Филипче, првата дилема што се поставува е дали можеби внатре во коалицијата со „Вреди“, покрај за измена на државниот грб, не се разговара и за измена на химната.
„И тоа е нешто што ВМРО-ДПМНЕ треба да одговори“,
кажа тој.
Идејата за промена на државниот грб потекнува од 2014 година, кога владата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Никола Груевски, излезе со таков предлог.
Предложеното решение тогаш беше за црвен лав на златно-жолта заднина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина.
Тогаш ДУИ се согласи на ваков државен грб, нагласувајќи дека лавот е дел и од албанската традиција, а го има и во грбот на градот Тирана. Круната, пак, рекоа, го претставува Скопското кале.