Кардиолозите алармираат, никотинот е отровен без оглед како се внесува во телото

Во последниот извештај се забележува значителен пораст на употребата на вејпови, загреан тутун и никотински кесички, особено меѓу младите и адолесцентите. Како што истакнаа асс. д-р Даница Петкоска-Спирова, директорка на ЈЗУ Универзитетска клиника за кардиологија во Скопје, и проф. д-р Јорго Костов, претседател на Македонското здружение по кардиологија, три четвртини од младите никогаш претходно не пробале да пушат вејп.

Двамата стручњаци го поддржаа предлог-законот за заштита од пушењето, нагласувајќи дека е важно да се вклучат и новите форми на употреба на никотин во неговите одредби.

Универзитетската клиника за кардиологија и Македонското здружение по кардиологија безрезервно го поддржуваат предлог-законот изготвен од Министерството за здравство и неговото промовирање кај јавноста, пациентите, а особено кај младата популација.

„Овој закон придонесува за усогласување со европските регулативи, што значи дека нашата држава ќе се приклучи на земјите кои веќе имаат таква законска рамка“, додадоа докторите.

Тие исто така истакнаа дека никотинот е моќен токсин за кардиоваскуларниот систем, кој предизвикува оштетување на срцето и крвните садови, без разлика на начините на внесување. Ниту еден производ на база на никотин не е безбеден за здравјето, вклучувајќи ги класичните цигари, електронските цигари, загреаниот тутун, лулињата за вода, пурите и оралните никотински кесички.

„Зависноста кај младите се зголемува, поттикната од различни вкусови, маркетингот на социјалните медиуми и недостатокот на регулации. Пасивната изложеност на чад, вејп и емисии од загреан тутун исто така предизвикува васкуларна штета. Вејповите и кесичките не се ефективни алатки за откажување, туку всушност служат како влезна точка за пушењето и често доведуваат до комбинирана употреба со цигарите. Заболувањата поврзани со никотин, годишно чинат стотици милијарди евра во здравствени трошоци и загуба на продуктивност“, посочија тие.

Петкоска-Спирова и Костов истакнаа дека никотинот не е безбеден стимуланс; напротив, тој е директен токсин за кардиоваскуларниот систем.

„Појавата на цигарите, вејповите, загреаниот тутун и никотинските кесички доведува до зголемување на крвниот притисок, оштетување на крвните садови и поголем ризик од срцеви заболувања. Никаков производ што содржи никотин не е безбеден за срцето. Наративот околу „побезбедниот никотин“ мора да се прекине. Итно е потребна унифицирана регулатива што ќе ги опфати сите никотински производи, особено за да се заштитат младите, кои се главна цел на агресивен маркетинг. Во спротивно, ризикуваме да изгубиме цела генерација поради зависност од никотин“, нагласија кардиолозите Петкоска-Спирова и Костов.

Како што предупредија, следниот срцев удар или мозочен удар не мора да биде последица на цигара, туку може да настане од ароматизирана капсула, никотинска кесичка или наргиле во кафуле.

„Преминот од цигари на електронски цигари и ароматизирани кесички не е ефикасно намалување на штетата, туку повеќе е трансформација на стратегиите за зависност. Затоа, неопходна е политичка акција, која ќе биде задоволена со овој законски предлог, кој опфаќа основни мерки за превенција на кардиоваскуларни заболувања. Документите на науката се јасни – токсичноста на никотинот за кардиоваскуларниот систем е потврдена со докази. Обврска на законодавците е да ја заштитат јавноста, а особено децата, од нова епидемија на зависност и болести. Апелираме за доследна и безусловна имплементација на законот, со цел да се постигне краен ефект – заштита на кардиоваскуларното здравје на младата популација и подигнување на свест кај целокупното население“, заклучија Петкоска-Спирова и Костов.