Капитални дела за македонистичкиот центар во Љубљана – Вечер …1963

Важно остварување за македонистичкиот центар во Љубљана – Вечер …1963

Во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“, на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, „Матица македонска“ и компанијата „Алкалоид“ реализираа донација на капитални дела во областа на македонистиката за Катедрата за македонски јазик и книжевност при Филозофскиот факултет во Љубљана.

Во академската 1961/1962 година, Љубљана стана дом на првиот Лекторат по македонски јазик во светот, а во 1984/1985 година прерасна во Катедра за македонски јазик и книжевност, која и денес е активен дел од Одделот за славистика. Како дел од прославата на 65-годишнината од основањето на Лекторатот, донацијата од „Матица“ и „Алкалоид“ е прва ваква поддршка упатена од Македонија кон љубљанската Катедра по овој повод.

– Овие публикации ќе бидат од големо значење за студентите кои ја изучуваат македонистиката во сите три циклуси на студии. Исто така, тие ќе поттикнат нови истражувања, анализа и научни согледби, отварајќи нови перспективи за афирмација на македонскиот јазик, книжевност и култура – нагласи проф. д-р Намита Субиото, раководителка на Катедрата за македонски јазик и книжевност во Љубљана.

Прочитајте и:  Кина најави контрамерки во одговор на планираните американски царини.

Филозофскиот факултет во Љубљана, во 1960 година, прв во некогашниот југословенски образовен систем, распиша конкурс за лектор по македонски јазик, иако македонистиката се изучувала и на универзитетите во други земји. Академиците Блаже Конески и Харалампие Поленаковиќ испратија стручна оцена за кандидатот Блаже Ристовски, кој стана првиот лектор по македонски јазик и со тоа ја започна историјата на словенечката македонистика. Под водство на проф. д-р Драги Стефанија, ученик на Конески, Лекторатот прерасна во независна Катедра, која денес, под управување на проф. д-р Намита Субиото, е еден од најпрепознатливите академски центри за македонистика во светот.

Донацијата од „Матица македонска“ и „Алкалоид“ вклучува скоро сè од трудовите на академик Блаже Ристовски, како и многу други важни публикации – клучни студии за македонскиот јазик и книжевност, монографии за македонската култура, избори од делата на најзначајните македонски писатели, антологии на современата македонска поезија, проза и драма, како и историографска литература.