Капело: Не го споредувајте Јамал со Меси и Марадона

Ламин Јамал остави зад себе неколку брилијантни натпревари на највисоко можно ниво, а тоа натера дел од јавноста уште сега да го нарекува најдобар играч во светот.

Тинејџерот кој се уште нема 18 години прерасна во големата ѕвезда на Барселона и дополнително еволуираше под водство на Ханси Флик, па иако најголем дел од светските експерти ги споредуваат неговите движења со оние на Лео Меси, легендарниот Фабио Капело останува цврсто на својот почетен став.

Легендарниот Италијанец не го смета Јамал за фудбалски феномен, односно според него, името на Јамал во ниту еден момент не треба да се стави во иста реченица со Лео Меси, или Диего Армандо Марадона.

– Ламин е играч кој има голем квалитет, може да биде уште подобар во иднина, но тој едноставно не е фудбалски феномен, нема брилијантност на фудаблски феномен.

– Меси и Марадона правеа работи кои не можевте да ги замислите, тоа беа вистински светски ѕвезди. Ламин едноставно не може да се стави во иста реченица со нив, не може да се споредува со двајцата Аргентинци. Тоа го мислам за сега, но и за во иднина. Не зборувам за бројки и квалитет, зборувам за брилијантност. Кристијано Роналдо исто така беше импресивни бројки, но не може да се споредува со Меси и Марадона, – потенцира Капело во изјава за „Кадена Копе“.