Канадската атлетичарка Алиша Њуман е суспендирана на 20 месеци поради прекршување на антидопинг правилата, поврзани со обврската за пријавување на својата локација, иако не е била позитивна на допинг-тест, соопшти Атлетската единица за интегритет. Њуман, која го освои бронзениот медал во скок со стап на Олимписките игри во Париз 2024, е казнета затоа што во текот на еден годишен период трипати не била достапна за ненадејно тестирање. Според правилата, спортистите задолжително мора да пријавуваат едночасовен временски интервал во кој треба да бидат достапни за антидопинг контроли, а три пропусти во овој период се сметаат за прекршок.
Првиот пропуст бил забележан во февруари минатата година, а два дополнителни во август, по што започнала дисциплинска постапка. Во еден од случаите, Њуман наводно изјавила дека мора да присуствува на снимање на телевизиски квиз, поради што тестирањето не се извршило. Иако стандардната казна за вакви прекршоци е две години, суспензијата е намалена на 20 месеци, откако нејзиното привремено повлекување од врвниот спорт било сметано за олеснителна околност.
Алиша Њуман во својата кариера постигнала значајни резултати, а на Олимписките игри во Париз 2024 го освои бронзениот медал со нов канадски рекорд од 4,85 метри, станувајќи првата Канаѓанка со олимписки медал во оваа дисциплина. По овој успех, таа добила голема популарност и надвор од спортот, вклучувајќи ангажмани во моделинг и активно учество на социјалните мрежи.



