Калин Ивановски успеа да се квалификува во четвртфиналето на ИТФ фјучрсот во Загреб, откако во натпреварот од второто коло со резултат 2-1 во сетови го совлада вториот носител, Душан Обрадовиќ од Србија.
Натпреварот траеше 2 часа и 8 минути, а Ивановски успеа да направи пресврт и да си обезбеди место во утрешното четвртфинале, каде што противник ќе му биде домашниот тенисер Вито Тонејц.
Во почетокот на мечот, Ивановски поведе, но во третиот гем, со сервис на македонскиот играч, Обрадовиќ направи брејк и поведе со 2:1. Потоа, во петтиот гем, вториот носител повторно доби брејк, зголемувајќи ја предноста на 4:1, а сетот го заврши со 6:2. И покрај загубениот прв сет, Ивановски не се предаде, а во следните два сета му дозволи на ривалот да освои само три гема.
Во вториот сет, Калин поведе со 3:0, а единствениот гем кој Обрадовиќ го освои беше на сопствениот сервис во четвртиот гем. Ивановски направи уште еден брејк за 5:1, а сетот го затвори со 6:1.
Во решавачкиот сет, почнаа со по еден брејк од секој играч. По израмнувањето на 2:2, Ивановски реализираше серија од четири последователни гема и го заврши сетот со 6:2.




